KSZD

Врсничкото насилство како пречка за инклузивност и доверба меѓу заедниците

Членката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, г-ѓа Флора Кадриу, се обрати на Партиципативниот форум „Врсничкото насилство како пречка за инклузивност и доверба меѓу заедниците“, што се одржа во Скопје.

Целта на Форумот, како неформален и консултативен механизам, е зајакнување на соработката меѓу државните органи и заедниците, преку заедничко разгледување на прашања од нивен интерес, подготовка на препораки, законски предлози и мислења во врска со владини политики кои влијаат врз остварувањето на правата на заедниците. Форумот овозможува и директна комуникација, дијалог и соработка меѓу заедниците и надлежните институции.

Учесниците, преку конкретни примери од праксата, дискутираа за причините кои доведуваат до врсничко насилство, за недоволната институционална реакција и заштита на децата, како и за потребата од координација меѓу сите релевантни институции – образованието, семејството и локалните власти.

„Врсничкото насилство не е само физички чин – тоа е и збор што повредува, потсмев што понижува, игнорирање што изолира. Таквото насилство произлегува од немоќта и неподготвеноста да се прифати другиот онаков каков што е. Инклузивноста меѓу заедниците не е само опција, тоа е единствениот пат кон вистинска европска заедница,“ истакна членката на КСЗД, Флора Кадриу, во своето обраќање.

Таа нагласи дека насилството често е резултат на неприфаќање на различноста, при што најранливи се децата од малцинските заедници и лицата со попреченост. Како последица на тоа се јавува недоверба во институциите, повлекување и поделби меѓу заедниците.

„Потребен е план за заштита од дискриминација и насилство што ќе вклучува обуки за наставниот кадар и редовен мониторинг од психолог и педагог, бидејќи интеграцијата започнува токму во училиштата. Комисијата се залага за општество засновано на човековото достоинство, еднаквост, меѓусебна доверба и солидарност. Да создадеме средина во која секое дете е прифатено, заштитено и почитувано. КСЗД останува посветена на борбата против сите облици на дискриминација, особено во образованието,“ додаде Кадриу.

На форумот, организиран од Агенцијата за остварување на правата на зедниците, во соработка со заедничката програма на Европската унија и Совет на Европа, „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“, присуствуваа претставници на Министерството за образование, Министерство за социјална политика, демографија и млади на РСМ, Институтот за човекови права и  претставници Програмска канцеларија на Советот на Европа во Скопје.

Leave a Reply

Skip to content