KSZD

Годишен извештај за 2024 година

Овој извештај ги презентира постигнувањата и реализираните активности на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во 2024 година.

КСЗД е тело за еднаквост, надлежнo за спречување и заштита од дискриминација. Тоа е самостоен и независен орган основано од Собранието на Република Северна Македонија и своите надлежности ги врши во согласност со Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Во текот на 2024 година, КСЗД работеше на вкупно 485 предмети за заштита од дискриминација, од кои, 407 нови отворени во 2024 г. и 78 предмети пренесени од претходната година. Од новите 407 предмети, 405 се претставки поднесени од граѓани и организации, а останатите два се постапки кои КСЗД ги поведе по службена должност.

Најголем број претставки се поднесени за заштита од дискриминација врз основа на национална или етничка припадност (27%), а потоа следат друга основа, друго уверување, лично својство и општествен статус, политичко уверување, образование и пол, а во помал број и врз останатите основи на дискриминација. Жените почесто од мажите пријавиле дискриминација врз основите пол, род, образование, возраст и семејна или брачна состојба, додека мажите почесто од жените поднеле претставки за заштита од дискриминација врз основите боја на кожа, потекло, сексуална ориентација, припадност на маргинализирана група, државјанство и попреченост. Во поглед на областите, најмногу претставки се поднесени за заштита од дискриминација во областа на работата и работните односи (39%), а добивме пријави и во областите членување и дејствување во синдикални и други организации, потоа јавно информирање и медиуми, образование, наука и спорт и други, пристап до добра и услуги, правосудство и управа и во други области.

Комисијата, во 2024 година, одржа 24 седници на кои се донесоа 316 одлуки по предмети за заштита од дискриминација, од кои, 48% се мислења по спроведена постапка за утврдување на дискриминација, а 52% се заклучоци за отфрлање на претставка, односно за непостапување или запирање на постапката. Најмногу од претставките за кои не можеше да се спроведе постапка, беа отфрлени заради неуредност на поднесокот или затоа што КСЗД немаше законска надлежност да постапува. Независно што не се поведе постапка за утврдување на дискриминација, Комисијата во сите овие случаи, на подносителите им даваше информации и насоки за начинот и јавниот орган до кој треба да се обратат заради остварување на нивните права. Од предметите за кои КСЗД донесе мислење по спроведена постапка за утврдување на дискриминација, во 56 случаи или 37% се утврди дискриминација, а во 96 случаи или 63% не се утврди дискриминација.

Најчеста утврдена основа за дискриминација во мислењата на Комисијата во 2024 година, е националната или етничката припадност, а потоа следат основите лично својство и општествен статус, членување и дејствување во синдикална организација, род, родов идентитет, сексуална ориентација, политичко уверување, попреченост и други основи. Исто како и во претходната година, најчесто место на сторена дискриминација е во институциите на јавниот сектор (37 случаи или 66%), а утврдени се и случаи во приватниот сектор (9 случаи или 16%), како и на социјалните мрежи и медиумите (10 случаи или 18%). Во однос на областите, најмногу утврдени случаи се во работата и работните односи, образованието, науката и спортот и јавното информирање и медиуми, а потоа правосудство и управа, пристап до добра и услуги и во други области.

Дел од утврдените случаи за кои се цени дека имаат поголем импакт или се однесуваат на системски проблем кој предизвикува дискриминација или може да стави во дискриминирана положба поголема група лица, КСЗД дополнително ги презентира на своите јавни настапи, потоа во посебни тематски извештаи, објавување на соопштенија и изјави. Тие ни даваат увид во состојбите, откривање на негативни јавни практики и трендови, но служат и за едукација на граѓаните, како и препознавање на слични ситуации во кои се нашле, со цел и поттикнување и охрабрување, истите да ги пријават во Комисијата.

КСЗД го следи извршувањето на мислењата и препораките за конкретните случаи на дискриминација сѐ до исполнување на препораките, а во случај тие да не бидат исполнети има законска обврска да поднесе барање за поведување прекршочна постапка до надлежен суд. Заради непостапување по препораките на Комисијата, во 2024 година, поднесени се 10 барања за поведување прекршочни постапки против утврдени дискриминатори, а до крајот на годината донесени се две обвинителни пресуди од надлежниот суд за прекршоци.

Во извештајниот период, КСЗД дејствуваше како пријател на судот (amicus curiae) во две судски постапки по поднесени тужби за сторена дискриминација. Првата е за тужба од јавен интерес (actio popularis) пред Основниот граѓански суд Скопје, против Министерство за правда – Управата за водење на матичните книги, од страна на тужителите Европски Центар за правата на Ромите (ЕЦПР) и Македонското здружение на млади правници – МЗМП Скопје, заради утврдување на директна продолжена и повторена дискриминација врз основа на припадност на маргинализирана група, етничка припадност, лично својство и општествен статус врз сите лица евидентирани во посебната матична книга на родени кои се стекнале со идентификациска исправа и индиректна продолжена и повторена дискриминација врз основ на етничка припадност, врз сите Роми евидентирани во посебната матична книга на родени кои се стекнале со идентификациска исправа. Во вториот случај, КСЗД дејствува како пријател на судот по поднесена тужба за заштита од дискриминација до Основен суд Битола против лице од Битола за сторена повеќекратна, продолжена и повторена дискриминација и вознемирување врз ЛГБТИ лицата на социјалните мрежи.

Комисијата како тело за еднаквост, дава стручни мислења по предлози на закони од значење за спречување и заштита од дискриминација и придонесува во измените и дополнувањата на законската рамка, со цел усогласување на истата со Законот за спречување и заштита од дискриминација на начин на кој законите ќе вклучуваат одредби за заштита и превенција од сите форми на дискриминација. Во 2024 година, КСЗД достави свои мислења со конкретни насоки за предлог-законите за средно и основно образование до Министерството за образование и наука во фазата на нивна подготовка, но ниту една од клучните забелешки не беше вградена во финалните предлог-текстови со започнување на законодавната постапка. КСЗД, предупреди дека така како што се предложени, одредбите се недоволни за спречување на сегрегацијата на децата Роми, а исто така ја загрозуваат инклузијата на децата со попреченост, родовата еднаквост и заштитата од насилство и дискриминација на младите со различна сексуална ориентација и родов идентитет.

Годината беше одбележана и со парламентарните и претседателски избори. Во пресрет на изборите, Комисијата потсети и предупреди дека сѐ уште не се исполнети препораките кои беа упатени во 2021 година, за отстранување на дискриминацијата која ја продуцира Изборниот законик врз основа на возраст, здравствена состојба и личен статус, со што непосредно пред одржување на уште еден циклус избори, различни групи на граѓани повторно се оневозможени да го остварат уставното право на глас. КСЗД исто така реализираше превентивни активности за подигнување на свеста за фер и изборен процес без дискриминација и говор на омраза.

Во текот на годината, КСЗД спроведе и други превентивни активности со партнерски организации од земјата и од странство, а исто така ја продолжи и продлабочи соработката со граѓанскиот сектор и државните институции преку склучување на меморандуми за соработка.

Годишниот извештај дава јасен и структуриран преглед на имплементирањето на надлежностите на КСЗД и изобилува со статистички податоци од работењето во 2024 година. Прикажани се и статусот, раководството, надлежностите и организациската структура на Комисијата, реализираните активности, остварената соработка со други институции и организации од земјата и од странство, медиумската присутност, како и буџетското и финансиското работење на КСЗД.

https://kszd.mk/wp-content/uploads/2025/04/Годишен-извештај-2024-KСЗД.pdf

Leave a Reply

Skip to content