Во просториите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) денес се одржа средба помеѓу претседателот на Комисијата, Лимко Бејзароски, и заменик-амбасадорот на Република Франција во Република Северна Македонија, господинот Филип Маршето.

На средбата се разговараше за состојбите со дискриминацијата и говорот на омраза во земјата, како и за улогата и надлежностите на Комисијата во унапредувањето на принципот на еднаквост и почитувањето на човековите права.
Претседателот Бејзароски го запозна заменик-амбасадорот Маршето со тековната работа на Комисијата, кадровската структура, како и со предизвиците со кои се соочува институцијата во спроведувањето на својата мисија.

„Големо задоволство претставува покажаниот интерес за работата на Комисијата од страна на претставник на земја што со право се смета за лулка на демократијата. Иако сме свесни за високото ниво на дискриминаторски практики во нашето општество, можам да истакнам дека успешно се справуваме со предизвиците. Речиси сите препораки што Комисијата ги донесува за елиминирање на дискриминацијата се спроведуваат“, нагласи Бејзароски.
Заменик-амбасадорот Маршето ја поздрави работата на Комисијата и посочи дека Франција и меѓународната заедница внимателно ги следат случувањата во Република Северна Македонија во областа на човековите права, еднаквоста и борбата против говорот на омраза, но истовремено и даваат голема поддршка за справување со предизвиците.

„Пред нас е долг пат кон целосна еднаквост, но заеднички ќе успееме да се справиме со сите предизвици и да ја сведеме дискриминацијата на најниско можно ниво“, истакна заменик-амбасадорот Маршето.