По повод 21 Декември, празникот на Турците во Република Северна Македонија, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Фондацијата ЕКАЈ, денеска одржаа Регионална конференција на тема „Како до подобра заштита на малцинствата од дискриминација“
На конференцијата воведни излагања имаа Исмаил Камбери, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Муртеза Сулооџа, директор на Фондација ЕКАЈ. Говорници на конференцијата беа Лимко Бејзароски, член на КСЗД и Ибрахим Арслан, поранешен заменик народен правобранител на Република Косово.
„Оптимист сум дека со вакво темпо на работа, на добар пат сме, во годините што претстојат, да изградиме подеднакво и поправично општество за сите“ – изјави Исмаил Камбери, претседател на КСЗД. Тој појасни дека за кратко време, Комисијата се етаблираше како независно, професионално и ефикасно тело достапно за сите граѓани, а како пример ги издвои случаите со овозможување настава за малолетничката со попреченост, изедначувањето на студентски стипендии и пристапот до вода за неформална ромска населба.

Во своето излагање, членот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Лимко Бејзароски истакна: „Убеден сум, дека земјата е уморна од делби и кавги и потребно е враќање на довербата, надежта и правдата во институциите. КСЗД е орган препознатлив и од внатрешната и од меѓународната јавност и ве уверувам и охрабрувам дека малцинствата имаат најмала причина за загриженост“, рече Бејзароски.

Регионалната конференција „Како до подобра заштита на малцинствата од дискриминација“, се одржа во Скопје, во организација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Фондацијата ЕКАЈ.
