Во извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Северна Македонија, во неколку делови се нотира и работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, односно проблемите со кои се соочува.
ЕК забележува недоволна распределеност на потребните финансиски и човечки ресурси од страна на државата кон КСЗД, со што се оневозможува целосна функционалност на Комисијата.
Според извештајот, многубројните логистички и финансиски предизвици ја попречуваат работата на ова тело за еднаквост. Се наведува дека Владата повторно го скрати годишниот буџет на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а не е завршено и пополнувањето со административен персонал. Според Европската Комисија, овие прашања влијаат на спроведување на Законот за спречување и заштита од дискриминација и треба итно да се решат.
Европската Комисија истакнува забелешка за недостиг на независност на КСЗД во однос на буџетските трошења поради неконзистентност во законските рамки. ЕК го акцентира неуспехот на Парламентот да го пополни празното место во Комисијата со член/ка, а исто така се забележува и на недостатокот од различност во составот на Комисијата, особено во однос на полот и лицата со попреченост.
Во Извештајот на Европската Комисија се наведува дека и покрај постоечките предизвици, во 2021 година, Комисијата ги усвои своите внатрешни акти и стратешки документи.