KSZD

КСЗД дел од завршниот настан „Род и корупција?!“ – фокус на родовите аспекти на корупцијата

Членката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација г-ѓа Флора Кадриу, учествуваше како панелистка на завршниот настан „Род и корупција?!“, организиран од Националната мрежа „Жените за жените“ и Организацијата на жените на Општина Велес.

На настанот беа презентирани клучните резултати, наоди и препораки од имплементацијата на проектот „Интегрирање на родовите аспекти во напорите за борба против корупцијата“.

Проектот е насочен кон интегрирање на родовата перспектива во националните и локалните антикорупциски политики, како и кон зајакнување на институционалните механизми за препознавање и адресирање на корупцијата што несразмерно ги погодува жените, вклучително и родово-специфичните форми на корупција, како што е сексторцијата.

На настанот учествуваа жени политичарки од различни партии и на различни позиции, со цел да се отвори директна и аргументирана дебата за односот меѓу родот и корупцијата во политиката. Фокусот на дискусијата беше ставен на прашањата дали и како родовата еднаквост во политиката придонесува за намалување на коруптивните практики, како и дали жените во политиката навистина се во позиција да влијаат врз одлучувањето или, пак, остануваат маргинализирани.

Во рамки на проектот беа реализирани низа активности кои овозможија:

  • унапредување на разбирањето за родовите аспекти на корупцијата;
  • зајакнување на капацитетите на релевантните институции и чинители;
  • отворање јавна дебата за потребата од родово сензитивни антикорупциски политики и практики, како на национално, така и на локално ниво.

Leave a Reply

Skip to content