Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ финансиран од Европската унија, беа домаќини на првото издание на „Разговори за еднаквост“ на тема „Инклузивно образование“. Преку овој годишен настан, КСЗД цели да создаде отворен простор за широк дијалог за поголеми, системски или структурни прашања кои ова тело ги има идентификувано како клучни предизвици во врска со еднаквоста и недискриминацијата во државата.
Настанот го отворија Игор Јадровски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Весна Јаневска, министерка за образование и наука, и Барбара Лигл, раководителка на компонентата 4 од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.
Во своето обраќање Игор Јадровски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, истакна дека образованието е една од клучните стратешки области на Комисијата. “Само преку инклузивно и квалитетно образование можеме да превенираме создавање на стереотипи и предрасуди од најмала возраст и да работиме на градење на поеднакво и поправедно општество, ослободено од дискриминација. Преку досегашната работа на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација детектирани се повеќе сериозни системски проблеми и дискриминаторски практики во основното и средното образование. Пресудата на Европскиот суд за човекови права во случајот на Елмазова и др. против Р.С. Македонија, во кој Судот се повикува на мислење и на amicus curiae поднесок на Комисијата, најдобро ја покажува се уште постоечката системска сегрегација на учениците Роми во основното образование. Сегрегацијата, дискриминацијата и вознемирувањето на ученичката со Даунов синдром во основното училиште во Гостивар, силно ја акцентира потребата за унапредување и подобрување на инклузивното образование во основните училишта. Недостатокот на образовни асистенти во средните училишта за учениците со посебни образовни потреби укажува на итна потреба од измени и дополнувања на законската регулатива. Последниот случај на булинг, дискриминација, вознемирување и виктимизација врз основа на сексуална ориентација на ученик во средно училиште во Велес укажува на потребата за превенција на дискриминацијата во средните училишта и сензибилизација на наставниот и техничкиот кадар во училиштата. Искрено се надевам дека со новата министерка ќе ја подобриме соработката помеѓу Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Министерството за образование, која досега, за жал, не е на завидно ниво. Министерството во Комисијата има партнер за спроведување на системски промени од аспект на превенција и заштита од дискриминација и промоција на принципот на еднаквост во образованието. За таа цел стоиме на располагање и очекуваме да бидеме вклучени во постоечките работни групи за најстратешките закони од областа на образованието како што се Законот за основно образование, Законот за средно образование и Законот за учебници за основно и средно образование. Само со заеднички сили и меѓу институционална соработка можеме да создадеме поеднакво и поинклузивно општество за идните генерации.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, потврди дека Министерството за образование и наука ќе работи на унапредување на инклузивното образование, што е и програмска определба на Владата. “Лично ќе се заложам децата со посебни образовни потреби да не се идентификуваат со нивната дијагноза, туку со потенцијалите што со помош на образованието ги развиле. Сите овде ја разбираме комплексноста на инклузивното образование. Затоа постепено, но со сериозна посветеност и со тимска работа, врз основа на целосно согледување на функционирањето на инклузивното образование, ќе носиме конкретни решенија, за кои јавноста ќе биде транспарентно и навремено информирана. Во овој процес прв наш партнер ќе бидат родителите, кои во изминатиот период, во секоја пригода јасно кажуваа дека од државата не очекуваат сожалување туку конкретна поддршка за да обезбедат напредок на своите деца. Не смее да продолжат политиките кои од образованието место можност направија пречка за напредок на овие деца. Затоа ќе ги вклучиме и практичарите-наставниците, стручните служби, образовните асистенти, имаме специјализирани институти, сите заедно можеме да изградиме поквалитетно инклузивно образование”
Преку две детални излагања од меѓународни експертки, два панели со претставници и претставнички од домашни институции, невладини организации, универзитетски професори и просветни работници и работнички, и две сесии за фокус на работата на Комисијата, учесничките и учесниците дискутирааа за најголемите предизвици за инклузивноста на образованието низ призма на еднаквоста и недискриминацијата, вклучително и предизвиците за реализацијата на правото на образование и лицата со попреченост, Ромите, ЛГБТИК лицата, како и родово-сензитивното образование. На настанот учествуваат претставници и претставнички на домашни институции, на невладини и меѓународни организации, како и просветни работници и работнички.