Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, г. Африм Гаши, денеска оствари официјална посета на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација каде што се сретна со претседателот на Комисијата, г. Лимко Бејзароски и членовите на ова значајно тело.
Средбата се одржа во духот на меѓуинституционалната соработка и поддршката што Собранието ја дава на КСЗД во нејзината мисија за унапредување на човековите права, заштитата од дискриминација и промовирање на еднаквоста во општеството.

Претседателот на Комисијата Бејзароски, ја потенцираше важноста на заедничките напори на институциите во создавањето инклузивно и праведно општество, нагласувајќи дека ваквите посети испраќаат значајна порака до јавноста за посветеноста на државните институции кон заштитата на основните човекови права. Тој го запозна претседателот на Собранието со тековните активности на Комисијата, постигнатите резултати, како и со предизвиците со кои се соочува ова независно тело во своето секојдневно работење.

Еден од клучните аспекти на дискусијата беше потребата од финансиска независност на КСЗД, што се смета за неопходен предуслов за нејзино ефикасно функционирање без какви било политички или институционални влијанија. Финансиската стабилност на Комисијата е од суштинско значење за таа да може целосно и независно да ги извршува своите надлежности во согласност со законските регулативи и меѓународните стандарди. Членот Игор Јадровски ја истакна важноста за соработка помеѓу КСЗД и Собранието во насока на транспонирање на директивите 1499/24 и 1500/24 на Европската Унија, кои се однесуваат на стандардите за телата за еднаквост. Транспонирањето на овие директиви е од суштинско значење за исполнување на барањата од пристапното поглавје 23, а транспонирањето на истите треба да се спроведе до јули 2026та година.
Претседателот на Собранието, г. Африм Гаши, изрази голема почит кон работата на КСЗД и ја истакна нејзината важна улога во заштитата на правата на граѓаните. Тој нагласи дека Собранието силно ја поддржува независноста на ова тело и ги вреднува неговите заложби за елиминирање на дискриминацијата во сите сфери на општествениот живот.

„Со оваа средба испраќаме јасна и силна порака до јавноста дека во нашата држава функционира демократски систем кој ги почитува и штити човековите права. Важно е јавноста да биде информирана кога една институција како КСЗД успешно ја исполнува својата улога и да го препознае нејзиниот значаен придонес во општеството“, истакна претседателот Гаши и додаде дека Собранието на Република Северна Македонија останува посветен партнер во напорите за создавање праведно, инклузивно и демократско општество, во кое секој граѓанин ќе има еднакви можности и заштита од дискриминација.