На 8 април, светот го одбележува Меѓународниот ден на Ромите – ден посветен на чествување на историјата, културата и придонесот на Ромите, но и ден што не потсетува на длабоко вкоренетата нееднаквост, дискриминација и социјална исклученост, со кои, оваа заедница се соочува со децении.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација им оддава признание на сите припадници на ромската заедница во нашата земја – за нивната истрајност, нивната борба за правда и еднаквост и нивната нераскинлива желба за достоинствен живот.
Денес, повикуваме на почит, солидарност и сојузништво – не само со зборови, туку и со дела.
И покрај уставните гаранции и донесените законски мерки, реалноста покажува дека Ромите и натаму се меѓу најмаргинализираните граѓани. Системска дискриминација, стереотипи, говор на омраза, недоволен пристап до квалитетно образование, здравствена и социјална заштита, домување и вработување – сето тоа продолжува да создава бариери за нивната еднаква вклученост во општеството.
Овие проблеми не се само прашања на социјална политика – тие се прашања на човекови права, правда и човечко достоинство.
Статистиката на КСЗД покажува дека расната дисркиминација во државава е најзастапена врз Ромското население. Во досегашното работење на КСЗД утврдени се 27 случаи на дискриминација врз Ромите. Пет во образованието, од кои 4 за сегрегација на децата Роми во образовниот процес во основни училишта во Штип, Битола, Прилеп и Кочани. Преостанатиот 1 случај е за дискриминација врз ученик во средно училиште во Битола.
Утврдени се 9 случаи на дискриминација во областа на локалната самоуправа и локалните јавни претпријатија, од кои, 3 за ЈСП, 1 случај во област домување во Велес и 5 за пристап до вода и други комунални услуги во Кавадарци, Прилеп, Кичево, Скопје-Гази Баба и Штип. Уште 1 случај во област домување – неиздавање под закуп на стан во Скопје. Утврдени се 6 случаи во приватниот сектор во пристап до услуги во угостителски објект, 1 случај во областа на здравството – Министерството за здравство кон жените-Ромки кои живеат на територија на општина Шуто Оризари и
Еден случај во областа правосудство и управа каде беше утврдена директна дискриминација врз основа на етничка и расна припадност сторена од страна на Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција-Специјално одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, врз малолетно дете од ромска етничка припадност.
Понатаму, утврдени се 3 случаи во областа јавно информирање и социјални мрежи, 1 продолжено вознемирување и поттикнување на вознемирување сторено од граѓанин, 2 за вознемирувачки говор со кој се повикува, поттикнува и дава инструкции за дискриминација сторено од градоначалници од општините (Струга и Карпош) и 1 случај за пристап до работно место во Прилеп.
Комисијата ја нагласува својата полна посветеност на проактивна заштита и унапредување на правата на Ромите. Ќе продолжиме да ги следиме, истражуваме и санкционираме сите облици на дискриминација, со особено внимание на институционалната дискриминација, која најсилно ја одразува нееднаквоста во системот.
Но, нашата мисија не може да се оствари во изолација. Повикуваме на заедничка општествена одговорност – од институциите, медиумите, образовниот систем, граѓанските организации, до секој поединец – да се вложи во изградба на инклузивно, правично и праведно општество каде што ромската заедница ќе може да живее без страв, предрасуди или ограничувања.
Овој ден нека биде потсетник дека борбата за еднаквост е секојдневна. Да изградиме општество во кое различноста не се толерира – туку се слави, се вреднува и се негува.
Во име на Комисијата, им изразуваме почит, поддршка и солидарност на сите Роми во земјава и дијаспората. Вашиот глас, вашата историја и вашето достоинство заслужуваат место во срцето на нашето општество.
Нека овој ден биде потсетник дека различноста е нашата сила, а еднаквоста – нашата обврска.