Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во просториите на КСЗД, одржа работен состанок со Националните сојузи на лицата со попреченост и Ресурсниот центар на родители на деца со попреченост, на кои беа разгледувани новите предлог измени на Законот за основно образование и новиот предлог Закон за средно образование. Целта на средбата беше да се слушнат размислувањата на организациите за понудените решенијата во делот на инклузивното образование и дали истите обезбедуваат еднаков пристап до образование на сите деца преку почитување на начелата за најдобар интерес на детето, начелата за еднаквост, достапност, пристапност и инклузивност на образовниот систем.
Комисијата во наредните денови ќе одржи консултативни средби и со други чинители во областа на образованието, со цел да придонесе во креирање на најквалитетни решенија и во градење на поквалитетен образовен систем, кој ќе овозможи еднакви шанси за сите ученици во државата.
Една од основните законски надлежности на Комисијата е да дава мислења и предлози на закони од значење за спречување и заштита од дискриминација преку соработка со физички и правни лица, како и со здруженија на граѓани, фондации и социјални партнери за остварување на принципот на еднаквост и унапредување на спречувањето и заштитата од дискриминација.