„Говорот на омраза е многу повеќе од „обични зборови“. Велат, јазикот коски нема, ама коски крши. Таквиот говор е со намера да повреди, да навреди, да уништи нечие достоинство и интегритет, да омаловажи, да понижи. Говорот на омраза е вистинска закана за уживањето на човековите права гарантирани со нашиот Устав и Меѓународните конвенции за човекови права што сме ги ратификувале и се дел од нашиот правен поредок“ кажа претседателката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Весна Бендевска на промотивниот настан за кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов“.
Таа истакна дека говорот на омраза нема врска со слободата на говор, токму поради намерите и насоченоста.
„Говорот на омраза се храни со предрасуди, стереотипи и неинформираност. Постои јасно дефинирана црвена линија помеѓу говорот на омраза и слободата на говор. Додека слободата на говор поттикнува здрава дебата, говорот на омраза поттикнува насилство“ додаде Бендевска.
Кампањата „Блокирај ја омразата. Сподели љубов“ има цел да допре до граѓаните кои живеат на Западен Балкан, пренесувајќи пораки за опасностите од говорот на омраза во нашите општества, и истовремено претставувајќи ја „љубовта“ како алтернатива на омразата. Националната кампања е дел од заедничкиот проект на ЕУ и Совет на Европа „Промоција на разноликоста и еднаквоста во Северна Македонија“, кој започна во 2019 година, за да се поддржи борбата против дискриминацијата, говорот на омраза и заштита на правата на ЛГБТИ лицата.