Во рамки на Зимскиот МакеДокс, вчера во Скопје се одржа проекција на документарниот филм „Тата“, кој раскажува за семејното насилство и ќерката која се обидува да го прекине циклусот – за себе и за следната генерација.

По проекцијата на филмот следеше дискусија од авторите и експерти на темата.
„Интерсекцијата меѓу трудовата експлоатација, родово базираното насилство и структурната дискриминација е суштинска, а не случајна. Овие појави не функционираат одвоено – тие се дел од ист систем на нееднаква распределба на моќ, ресурси, можности и политики. Родово базираното насилство често се одвива токму во контекст на економска зависност, најчести жртви при истото се жените, а сторители мажите. Економската нееднаквост е клучен фактор што ги спречува жените да излезат од насилни односи – било да станува збор за семејно насилство, родово базирано насилство генерално или за сексуално вознемирување на работното место“ – истакна во дискусијата Игор Јадровски, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
„При наоѓањето на решение за ваков повеќеслоен проблем секогаш ќе биде потребен трансформативен и сеопфатен пристап, што ќе ги адресира корените на економската и родова нееднаквост, со јасна одговорност и надлежности на сите релевантни институции од системот, а не со нудење парцијално или секторско решение“ – рече Јадровски и додаде дека низа меѓународни документи како CEDAW или Истанбулската конвенција им даваат јасна обврска на државите за должно внимание (due diligence), односно кажуваат дека државите не сносат одговорност само за директни повреди, туку и за пропуштање да спречи, истражи и санкционира насилство и дискриминација. Во оваа превентивна обврска на државата спаѓа и должноста да обезбеди ефективни, независни и доволно финансирани механизми за заштита, вклучително и тела за еднаквост. Телата за еднаквост имаат двојна функција: заштитна и превентивна. Нашата држава има релативно солидна нормативна рамка, но клучното прашање не е дали имаме закони или дали имаме поединечни институции кои се бават со проблематиката. Прашањето е: дали системот реагира навремено, координирано и со фокус на жртвата? Сè додека одговорот на тоа прашање не биде недвосмислено „да“, институционалните празнини ќе продолжат да ги оставаат жртвите без ефективна заштита, заклучи во својата дискусија членот на КСЗД, Јадровски.

Прекцијата на филмот „Тата“, беше во рамки на Зимскиот МакеДокс и се реализираше во партнерство со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“