На 21 март 2025 година, Претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Лимко Бејзароски и членот на Комисијата, Душан Томшиќ, одржаа работна средба со претставници на неколку граѓански здруженија: ЛАГ Агролидер – Прилеп, Центар за развој и едукација – Прилеп, Љубезност – Скопје, Црвен Крст на Град Скопје, новинари за човекови права – Скопје и Сизигија – Скопје.
На средбата беа презентирани активностите на Комисијата во областа на спречување и заштита од дискриминација, а истовремено беа споделени искуствата на здруженијата од нивната теренска работа поврзана со дискриминација на различни категории граѓани.

Во рамки на средбата беа договорени конкретни чекори за понатамошна соработка во неколку клучни области:
- Застапување за измени во Законот за здравствено осигурување – со цел да се обезбеди право на надоместок за индивидуални земјоделки во случај на привремена спреченост за работа поради бременост, раѓање и мајчинство. Оваа иницијатива е во согласност со Општата препорака на КСЗД донесена на 28.11.2023 година.
- Подобрување на условите за домување – иницирање активности за обезбедување соодветно домување за лицата без сопствен дом, вклучувајќи можност за искористување на неискористениот државен станбен фонд и развој на сервисот „Домување прво“ преку ангажман на локалните самоуправи.
- Промоција на еднакво учество во спортот – вклучување на дел од здруженијата во промотивните активности на КСЗД за спречување на дискриминацијата во спортот.
- Борба против расна и етничка дискриминација – Преземање активности за намалување на дискриминацијата при пристап до јавни добра и услуги, особено во обезбедувањето на чиста вода за пиење, канализациона мрежа и соодветно домување. Ова е во согласност со Општата препорака на КСЗД донесена на 27.04.2022 година, која ги повикува општините и јавните претпријатија да обезбедат пристап до чиста вода за сите граѓани.
Комисијата и здруженијата се согласија за континуирана соработка во овие области со цел подобрување на условите за сите граѓани и спречување на дискриминацијата во различни сегменти од општеството.