Во пресрет на 8-март Меѓународниот ден на жената, денеска беше презентиран Извештајот за дискриминација на жени Ромки во областа работни односи, со цел, да се потсетиме на значењето на еднаквоста, недискриминацијата и заштитата на правата на жените, особено на жените кои се соочуваат со повеќекратна и интерсекциска дискриминација.
Тематскиот извештај на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја анализира дискриминацијата во областа работа и работни односи и дава препораки за институционални и системски мерки за надминување на структурни бариери до вработувањето. Извештајот го покрива периодот 2022-2024 година.
Според последниот попис од 2021 година, Ромите претставуваат околу 2,53% од населението. Податоците за 2023 година, укажуваат дека општата стапка на невработеност во државата изнесува 13%, додека кај Ромите достигнува околу 67%. Дополнително, само 8% од Ромките се вработени, што укажува на сериозна структурна исклученост од пазарот на трудот. Ромките често работат во неформалниот сектор, без социјална и здравствена заштита и со ограничен пристап до мерки за вработување. Овие податоци потврдуваат дека дискриминацијата кон Ромките не е само родова или само етничка, туку е меѓусебно испреплетена и со сиромаштијата и ниското образование.

„КСЗД има надлежност да постапува во случаи на дискриминација на Ромките при вработувањето во јавниот и приватниот сектор. Законот за спречување и заштита од дискриминација ја препознава повеќекратната и интерсекциската дискриминација, што е клучно за заштита на Ромките во областа на работните односи. Покрај високата стапка на дискриминација на Ромите, особено при вработување, бројот на поднесени претставки за заштита од дискриминација е многу низок. Од 407 новоотворени случаи во 2024 година, приближно 40% се за потенцијална дискриминација на работно место или при вработување, додека само три се за дискриминација врз Роми во областа на вработувањето, од кои само во еден случај е утврдена дискриминација“, изјави на прес конференцијата, Зекир Абдулов, член на Комисијата.
„Во делот на судската заштита, во периодот 2022-2023 година, 19 пресуди на основните граѓански судови низ државата се однесуваат на дискриминација во областа на работните односи. Од нив, само три се поднесени од жени. Во ниту еден предмет нема наведено пол или род како основ за дискриминација, но се бара утврдување на дискриминација врз бремена работничка, а како основ се наведени личен статус, бременост и мајчинство. Само во еден случај се бара утврдување на дискриминација врз основа на етничка припадност. Анализата на судските случаи потврди дека судовите не ја препознаваат родовата природа на проблемот на договорите за вработување на определено време и ја занемаруваат реалноста дека, непродолжувањето на договорот по настанатата бременост не може да се смета за нормален истек на договор за вработување, без тоа да има нееднаков ефект врз жените“ – додаде Абдулов.
Заклучокот е дека дискриминацијата врз Ромките во областа на вработувањето е структурен и повеќеслоен проблем, а решението бара заедничко постапување на КСЗД, Народниот правобранител, судовите, инспекторатите, граѓанските организации и самите заедници.

„Извештајот препорачува најпрво прибирање на етнички и родово разделени податоци кои ќе помогнат во идентификација и докажување на дискриминацијата, конкретни мерки за надминување на идентификуваните предизвици, зајакнување на капацитетите на институциите надлежни да ги штитат граѓаните од дискриминација за различните форми на дискриминација, унапредување на доказните стандарди во постапките и воведување на јасни процедури за пријавување на дискриминација“, изјави во своето излагање на презентацијата, Севги Идриз Муратоглу, раководител на Одделението за спречување на дискриминација и промоција на принцип на еднаквост.
Правното и економско зајакнување на Ромките ќе придонесе кон зголемено користење на механизмите за заштита од дискриминација и нивно учество во консултации за политики кои директно ги засегаат.

Извештајот го изработи Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.
Линк до целиот извештај: