Овој извештај ги презентира постигнувањата и реализираните активности на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во 2025 година.

Во 2025 година, КСЗД работеше на вкупно 559 предмети за заштита од дискриминација, од кои 448 нови, отворени во 2025 година и 111 предмети пренесени од претходната 2024 година. Од новите 448 предмети, 444 се претставки поднесени од граѓани и организации, а останатите 4 се постапки кои КСЗД ги поведе по службена должност
Најголем број претставки се поднесени за заштита од дискриминација врз основа на национална или етничка припадност (22%), а потоа следат друга основа, политичко уверување (18%), лично својство и општествен статус (17%), образование (11%), пол (10%), род (8%), здравствена состојба (8%), попреченост (5%) и возраст (5%). Жените почесто од мажите пријавиле дискриминација врз основите пол, род, образование, возраст, семејна или брачна состојба и друга основа, додека мажите почесто од жените поднеле претставки за заштита од дискриминација врз основите национална или етничка припадност, политичко уверување, лично својство и општествен статус и имотен статус.
Во поглед на областите, најмногу претставки се поднесени за заштита од дискриминација во областа на работата и работните односи (52%), а добивме пријави и во областите образование, наука и спорт (11%), пристап до добра и услуги (10%), јавно информирање и медиуми (10%), социјална сигурност вклучувајќи го и подрачјето на социјална заштита пензиско и инвалидско осигурување здравствено осигурување и здравствена заштита (6%), правосудство и управа (6%), други области (5%), членување и дејствување во синдикални политички партии здруженија на граѓани и фондации или други организации засновани на членство (4%), домување (2%) и култура (2%).
Заклучно со 31.12.2025 година, КСЗД донесе вкупно 359 одлуки по предмети за заштита од дискриминација, од кои 151 или 42% се мислења по спроведена постапка за утврдување на дискриминација и 208 или 58% се заклучоци за отфрлање на претставката, односно за непостапување или запирање на постапката. Најмногу од претставките за кои не можеше да се спроведе постапка, беа отфрлени заради неуредност на поднесокот или затоа што КСЗД немаше законска надлежност да постапува. Независно што не се поведе постапка за утврдување на дискриминација, Комисијата во сите овие случаи, на подносителите им даваше информации и насоки за начинот и јавниот орган до кој треба да се обратат заради остварување на нивните права.
Од предметите за кои КСЗД донесе мислење по спроведена постапка за утврдување на дискриминација, во 56 случаи или 37% се утврди дискриминација, а во 95 случаи или 63% не се утврди дискриминација
Националната или етничката припадност е најчесто утврдена основа за дискриминација во мислењата на Комисијата во 2025 година, и тоа во 29% од вкупно утврдените случаи, а потоа следат основите друга основа, пол, попреченост, лично својство и општествен статус, род и политичко уверување, како и други помалку застапени основи. Исто како и во претходната година, најголем број утврдени случаи на дискриминацијата во 2025 година, се во институциите на јавниот сектор (38 случаи или 68%), а утврдени се и случаи во приватниот сектор (11 случаи или 20%), како и на социјалните мрежи и медиумите (7 случаи или 13%).
Како во минатата година, во мислењата КСЗД во 2025 година, најчесто е утврдена дискриминација во областа на работата и работните односи и тоа во 29 случаи или 52% од вкупниот број донесени мислења, а потоа следат утврдените случаи во областите на образование, наука и спорт, пристап до добра и услуги и јавно информирање и медиуми.
Комисијата како централно национално тело за еднаквост, дава стручни мислења по предлози на закони од значење за спречување и заштита од дискриминација и придонесува во измените и дополнувањата на законската рамка, со цел усогласување на истата со Законот за спречување и заштита од дискриминација на начин на кој законите ќе вклучуваат одредби за заштита и превенција од сите форми на дискриминација. Во 2025 година, до Собранието на Република Северна Македонија достави две информации во однос на потребни законски измени и дополнувања, за отстранување на индиректна дискриминација од два закони. Едната за потребата од измени и дополнувања на Законот за високо образование, како резултат на утврдена индиректна дискриминација во 2024 година, кон вработени здравствени работници во приватните здравствени установи, а другата за измени и дополнувања на Законот за културата, согласно утврдена индиректна и продолжена дискриминација кон носители на државни награди од областа на културата и уметноста во врска со нееднаков износ на месечен надоместок. Дополнително, донесе општа препорака до општините и Министерството за локална самоуправа за обезбедување системски и недискриминаторски мерки во областа на домувањето во супстандардни населби.
Во 2025 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација активно ги користеше своите законски надлежности преку учество во судски постапки како пријател на судот (amicus curiae), поднесувајќи три барања пред Основниот граѓански суд Скопје во предмети поврзани со дискриминација по основ на политичка припадност, сексуална ориентација, родов идентитет и припадност на маргинализирана група.
Во 2025 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација реализираше обемна програма на превентивни, едукативни и застапувачки активности насочени кон унапредување на принципот на еднаквост и заштита од дискриминација. Беше организирано второто издание на настанот „Разговори за еднаквост“, посветено на правото на домување на Ромите, при што беа разгледани системските предизвици и беа упатени препораки до општините за обезбедување соодветно и недискриминаторско домување. Со поддршка на ЕУ беше изготвен тематски извештај за повеќекратна и интерсекциска дискриминација на Ромките во работните односи, со конкретни препораки за институционално унапредување и доследна примена на законодавството. Комисијата спроведе национални кампањи како „Еден тим за секое дете – нулта дискриминација“ и „1 од 5 – Стоп за сексуално насилство врз деца“, насочени кон подигнување на јавната свест и јакнење на механизмите за заштита. Реализираше и бројни обуки за парламентарни асистенти, ученици и вработени во институции, со цел подобро препознавање и постапување во случаи на дискриминација. Дополнително, иницираше забрзување на законските измени за здравствено осигурување на индивидуалните земјоделки и активно учествуваше во Меѓуресорско тело за човекови права. Исто така, Комисијата активно се вклучи во работата на Мултисекторското работно тело во рамки на проектот „Опсерваторија за фемициди“, придонесувајќи кон системски пристап за превенција и мониторинг на фемициди и обиди за фемициди, како и кон зајакнување на институционалната координација во борбата против родово базираното насилство. Во текот на годината, КСЗД спроведе и други превентивни активности со партнерски организации од земјата и од странство, а исто така ја продолжи и продлабочи соработката со граѓанскиот сектор и државните институции преку склучување на нови осум меморандуми за соработка.
Годишниот извештај дава јасен и структуриран преглед на имплементирањето на надлежностите на КСЗД и изобилува со статистички податоци од работењето во 2025 година. Прикажани се и статусот, раководството, надлежностите и организациската структура на Комисијата, реализираните активности, остварената соработка со други институции и организации од земјата и од странство, медиумската присутност, како и буџетското и финансиското работење на КСЗД.
Целиот извештај погледнете го на следниов линк: