KSZD

КСЗД со ОПШТА ПРЕПОРАКА кон МОН и Управата за извршување санкции за обезбедување задолжително образование во Воспитно-поправните установи и Казнено-поправните домови

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, постапувајќи по предмет поведен по службена должност, против Министерството за образование и наука и Управата за извршување на санкции, за сторена дискриминација кон децата кои се на издржување воспитно-поправна мерка во ВПД Тетово во пристап до задолжително образование врз основа на нивниот личен статус и, сегрегација на женските деца кои се на издржување воспитно-поправна мерка во ВПД Тетово врз основа на нивниот пол, донесе мислење со кое се утврдува директна продолжена дискриминација во пристап до задолжително образование, сторена од страна на Министерството за образование и наука. 

Имено, КСЗД, во март 2022 г. забележа повеќе истражувачки стории на Медиумската информативна агенција (МИА) за потенцијална дискриминација врз децата кои се на издржување воспитно-поправна мерка во ВПД Тетово. Имајќи предвид дека информациите од споменатите истражувачки стории прават веројатност дека со потенцијална дискриминација се соочуваат поголем број лица, како и фактот дека станува збор за ранлива категорија на лица – деца кои се на издржување воспитно-поправна мерка, Комисијата, по службена должност поведе постапка за заштита од дискриминација за децата кои се на издржување воспитно-поправна мерка од ВПД Тетово во пристап до задолжително образование.

По разгледувањето на наодите од истражувачките стории, добиените информации од поднесоците за произнесување и анализа на релевантната легислатива, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди дека децата кои се на издржување воспитно-поправна мерка од ВПД Тетово немаат пристап до задолжително образование.

Согласно чл. 173, ст. 3 од Законот за извршување на санкции, Министерството за образование и наука на предлог на Управата го организира и финансира образованието на осудените лица. Од наводите од поднесоците за произнесување и доставените информации од Управата за извршување на санкции, КСЗД утврди дека Управата ги презела сите активности во рамки на своите законски надлежности за организирање на задолжително образование во ВПД Тетово, односно поднела барање до Министерството за образование и наука за организирање на образованието во ВПД Тетово со доставување списоци на лицата кои треба да бидат опфатени во процесот на образование. Оттука, Комисијата ценеше дека во овој случај Управата за извршување на санкции не може да се јави како вршител на дискриминација во пристап до задолжително образование врз основа на личен статус кон децата кои се на издржување воспитно-поправна мерка во ВПД Тетово.

Од друга страна, Министерството за образование и наука со непостапување по предлозите на Управата за извршување на санкции и пасивноста во процесот на наоѓање на системско и одржливо решение за организирање и финансирање на образованието на децата кои се на издржување воспитно-поправна мерка во ВПД Тетово, пропуштило да им овозможи пристап до задолжително образование на овие деца, со што сторило директна продолжена дискриминација во пристап до задолжително образование, врз основа на личен статус врз децата кои се на издржување воспитно-поправна мерка во ВПД Тетово.

Имајќи предвид дека од утврдената фактичка состојба во споменатиот случај беше евидентно дека сите осудени лица или деца за време на извршување на казната затвор или заводската мерка во државата немаат пристап до задолжително образование, КСЗД донесе општа препорака со која му препорачува на  Министерството за образование и наука во соработка со Управата за извршување на санкции да обезбеди системски, одржлив и континуиран пристап до задолжително образование на сите осудени лица или деца за време на извршување на казната затвор или заводската мерка. Основната функција на казнено-поправните и воспитно-поправните установи е процесот на ресоцијализација на осудените лица. Целта на извршувањето на казната затвор е оспособување на осудените лица да се вклучат во општеството со најдобри изгледи за самостоен живот. Целта на извршувањето на воспитните мерки е заштита, образование, воспитување и превоспитување, социјализација, помош и грижа за децата за да се обезбеди правилен развој на нивната личност. Оттука, пристапот до задолжително образование на сите осудени лица или деца на кои им е изречена заводска воспитна мерка – упатување во воспитно-поправен дом, е клучно за да се исполнат целите на затворската казна и извршувањето на воспитните мерки, а воедно и за исполнување на основната функција на казнено-поправните и воспитно-поправните установи.

Мислењето и општата препорака можете да ги најдете на линковите подолу:

https://kszd.mk/wp-content/uploads/2023/03/Општа-препорака-Министерство-за-правда-и-Управата-за-извршување-на-санкции.pdf

https://kszd.mk/wp-content/uploads/2023/03/08-85-%D0%BE%D0%B4-24.03.23-%D1%83%D1%82%D0%B2%D1%80%D0%B4%D0%B5%D0%BD%D0%B0-%D0%B4%D0%B8%D1%81%D0%BA%D1%80%D0%B8%D0%BC%D0%B8%D0%BD%D0%B0%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0-08-200.pdf

Leave a Reply

Skip to content