KSZD

КСЗД УТВРДИ ДИРЕКТНА ПРОДОЛЖЕНА ДИСКРИМИНАЦИJА ВРЗ ОСНОВА НА ПОЛ

Постапувајќи по претставка поднесена од страна на Македонското здружение на млади правници, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди директна продолжена дискриминација врз основа на пол во областа на здравствената заштита, извршена од страна на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести – Скопје.

Имено, при хоспитализација на дете во ЈЗУ УК за детски болести Скопје, таткото е  спречен во можноста да го придружува своето дете поради праксата, придружувањето на детето во текот на вечерта да е дозволено само за мајката, а во случај на спреченост на мајката, истото е овозможено само за роднини на хоспитализираното дете од женски пол (баба, тетка, вујна стрина итн). Со дискриминација по основ на пол, освен таткото на малолетното дете, се соочуваат и други родители на малолетни деца кои имаат потреба од хоспитализација во ЈЗУ УК за детски болести Скопје.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација побара изјаснување од страна на ЈЗУ Универзитетска клиника за детски болести Скопје, по што доби известување дека ЈЗУ УК за детски болести, како јавна здравствена установа располагаат со ограничен буџет, имаат ограничени ресурси и простории за работа, но постојано прават напори за да обезбедат колку што е можно подобри и посоодветни услови за заштита и грижа на здравјетo на децата. Во известувањето од ЈЗУ УК за детски болести се истакнува дека просторните услови не дозволуваат физички односно во различни простории да се поделат децата кои се со придружник мајка и децата кои се со придружник татко и наведуваат дека во ситуација кога во болничките соби се сместени повеќе лица во придружба со нивните мајки, за мајките би било несоодветно во истата соба да биде сместено и возрасно лице од машки пол имајќи предвид дека во истите простории придружниците поминуваат повеќе денови па истите користат тоалет, се пресоблекуваат итн.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација посочува дека според Законот за спречување и заштита од дискриминација се забранува секоја дискриминација врз која било основа, вклучително и полот. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација, вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите. 

Во случајов, продолжена дискриминација како потежок облик на дискриминација е утврден од причина што е земен во предвид и фактот дека дискриминација по ова прашање се констатирала и од страна на Народниот правобранител во 2016 година и дека и покрај тоа што се дадени препораки и насоки за отстранување на дискриминацијата до Универзитетската клиника и директорите на клиниките каде што постојат детски одделенија, истите сеуште не се спроведени.

Од анализата на правната рамка што се однесува на заштита на пациентот од дискриминација, КСЗД констатира дека РСМ се залага и за посебна цел ја има заштитата на правата на пациентите и елиминацијата на дискриминацијата во било која форма и интензитет кои може да се појават во оваа област.

КСЗД препорачува на ЈЗУ УК за детски болести  во рок од 90 дена да ја отстрани дискриминаторската практика и да пронајде начин да овозможи услови татковците да ги придружуват своите хоспитализирани деца под еднакви услови и да имаат ист третман како и мајките на хоспитализираните деца, како и во иднина да се воздржи од презермање на дискриминаторски дејствија врз основа на пол или било која друга основа согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Доколку лицето кон кое е упатена препораката не постапи по истата, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.

Leave a Reply

Skip to content