KSZD

Меѓународен ден за елиминација на расната дискриминација: „60-години од Меѓународната конвенција за елиминација на сите форми на расна дискриминација (ICERD)“

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го одбележува значајниот јубилеј – 60 години од усвојувањето на Конвенцијата на Обединетите нации за елиминација на сите форми на расна дискриминација. Овој меѓународен документ, усвоен во 1965 година, претставува темел на глобалните напори за искоренување на расизмот и промоција на еднаквоста меѓу сите луѓе, без оглед на нивната расна или етничка припадност.

Изминатите шест децении сведочат за значителен напредок во борбата против расната дискриминација на глобално и на национално ниво. Државите потписнички на Конвенцијата, меѓу кои е и Република Северна Македонија, преземаат континуирани мерки за унапредување на законодавството, зајакнување на институционалните механизми и подигнување на јавната свест за опасностите од расизмот и нетолеранцијата.

Во нашата држава, борбата против расната дискриминација останува еден од приоритетите во заштитата на човековите права. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација активно работи на мониторинг на состојбите, спроведување на анализи и давање препораки за унапредување на политиките за недискриминација. Истовремено, ја повикуваме јавноста да пријавува случаи на расна дискриминација и да се вклучи во заедничката борба за праведно и инклузивно општество.

Статистиката на КСЗД покажува дека расната дисркиминација во државава е најзастапена врз Ромското население. Во досегашното работење на КСЗД утврдени се 27 случаи на дискриминација врз Ромите. Пет во образованието, од кои 4 за сегрегација на децата Роми во образовниот процес во основни училишта во Штип, Битола, Прилеп и Кочани. Преостанатиот 1 случај е за дискриминација врз ученик во средно училиште во Битола.

Утврдени се 9 случаи на дискриминација во областа на локалната самоуправа и локалните јавни претпријатија, од кои, 3 за ЈСП, 1 случај во област домување во Велес и 5 за пристап до вода и други комунални услуги во Кавадарци, Прилеп, Кичево, Скопје-Гази Баба и Штип. Уште 1 случај во област домување – неиздавање под закуп на стан во Скопје. Утврдени се 6 случаи во приватниот сектор во пристап до услуги во угостителски објект, 1 случај во областа на здравството – Министерството за здравство кон жените-Ромки кои живеат на територија на општина Шуто Оризари и

Пријавен е 1 случај во областа правосудство и управа каде беше утврдена директна дискриминација врз основа на етничка и расна припадност сторена од страна на Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција-Специјално одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, врз малолетно дете од ромска етничка припадност.

Понатаму, утврдени се 3 случаи во областа јавно информирање и социјални мрежи, 1 продолжено вознемирување и поттикнување на вознемирување сторено од граѓанин, 2 за вознемирувачки говор со кој се повикува, поттикнува и дава инструкции за дискриминација сторено од градоначалници од општините Струга и Карпош и 1 случај за пристап до работно место во Прилеп.

По повод овој значаен ден, ја реафирмираме нашата посветеност кон заштитата на човековите права и повикуваме на зголемена солидарност, дијалог и разбирање меѓу сите заедници. Борбата против расизмот не е само институционална одговорност, туку и заедничка заложба на целото општество.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација останува посветена на својата мисија и ќе продолжи со напорите за елиминирање на сите форми на дискриминација, градење на општество засновано на почитување, инклузија и еднакви можности за сите граѓани.

Leave a Reply

Skip to content