Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја посети Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, каде оствари средба со претседателот Лимко Бејзароски и членовите на Комисијата, Душан Томшиќ и Вецко Здравески.

На средбата беше истакната важноста од унапредување на соработката меѓу двете институции, особено во делот на спроведувањето на мислењата и препораките на Комисијата. Разговарано беше и за продлабочување на партнерството преку повеќе конкретни активности, меѓу кои:
- Зајакнување на капацитетите на идните полициски службеници за препознавање и спречување на дискриминација, преку обуки што ќе ги спроведуваат стручните лица од КСЗД во Центарот за обука на полициски службеници;
- Организирање редовни обуки за недискриминација за активните полициски службеници;
- Подобрување на знаењата и капацитетите на Внатрешната контрола на МВР за прашањата поврзани со недискриминација, како и доследно спроведување на препораките од КСЗД;
- Заеднички активности со превентивните тимови на МВР во основните училишта во Република Северна Македонија, со цел превенција на говор на омраза, промоција на еднаквост и почитување на различностите. Активностите ќе започнат во СВР Скопје и во училиштата на територија на Град Скопје;
- Доставување на QR-кодови за пријавување случаи на дискриминација до сите полициски станици и шалтери на МВР.

Министерот Тошковски ја изрази својата поддршка на работата на Комисијата и ја нагласи нејзината значајна улога во промовирањето на еднаквоста и спречувањето на нееднаквоста во сите сфери на општеството.