„Таму каде завршува асфалтот започнува ромското гето…“
По повод Меѓународниот ден на човековите права, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација има за цел да го сврти вниманието на јавноста и одговорните институции кон состојбите во неформалните населби каде најчесто живеат Роми. Овој проблем претставува системска, расна и етничка дискриминација и е резултат на децениска негрижа за правата и потребите на најсиромашните граѓани кои живеат на маргините на нашето општество.
Се почести се претставките до Комисијата од страна на ромската заедница и ромските граѓански организации за нееднаков пристап до добра и услуги по основ на етничка и расна припадност, кои се однесуваат на условите во неформалните населби.
Условите во кои живеат Ромите се мошне лоши, често под нивото на прокламираните стандарди на соодветно домување. Се работи за долгорочно населени населби со нејасен сопственички статус, надвор од урбаното планирање кои немаат основна инфраструктура, а услугите на државниот систем се тешко достапни.
Голем е процентот на Ромите кои немаат документи за сопственост на нивното живеалиште. Најголем број (95%), од нив живеат во градовите,но побројно се концентрирани во посиромашните реони (гета) или во субурбани области.
Тоа се слабо развиени населби со лошо изградени куќи, без пристап до вода, канализациона мрежа, асфалтирани патишта, електрична енергија и други основни комунални услуги достапни во современиот свет. Сето тоа придонесува за нееднаква стартна основа и животни можности во споредба со другите граѓани кои живеат во развиено соседство, населба, област или град. Како резултат на лошите услови во домувањето се појавуваат и низа други социјални проблеми, како социјална исклученост, недоволно вклучување на децата во образованието, потешкотии во пристапот до работа, здравство, социјлани права и други јавни услуги.
Лошите услови за домување се и прашање на детски права и прашање на родова еднаквост. Жените и децата од овие населби се соочуваат со системска дискриминација која оневозможува еднакви можности и еманципација.
И покрај досегашните напори на државата како и домашните и меѓународните организации, состојбата со домувањето на Ромите во РС Македонија е сеуште загрижувачка.
Проблемите во Момин поток, штипскиот диспанзер, кочанска стара касарна се само дел од проблемите кои со години се актуелни и за кои за жал има само декларативни заложби.
Ако домување е универзално човеково право кое е признато на меѓународно ниво во над сто национални устави во светот, суштината на остварувањето на правото е хуманистичкото сознание дека човечкиот живот е повеќе од гола егзистенција, односно дека подразбира и соодветно домување кое задоволува одредени стандарди. Право на секој поединец е безбеден дом и заедница, како дел од предусловите за мирен и достоинствен живот. Домувањето е предуслов за остварување на сите останати права.
Прашањата за домувањето освен на централно ниво е дел од надлежностите на многу институции на локално ниво. Според надлежностите и одговорностите на единицата на локалната самоуправа, општината е директно одговорна за локалниот економски и урбанистички развој на општината.
Проблемите со домувањето кај ромската заедница се утврдени и во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација преку повеќе претставки поднесени од домашни и меѓународни организации. Донесени се повеќе мислења за утврдена дискриминација од страна на неколку општини и институции, а донесена е и една општа препорака.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација како тело за еднаквост ќе продолжи да ги заштитува правата на маргинализираните групи согласно предвидените законски основи меѓу кои и етничката и националната припадност, силно охрабрувајќи ги граѓаните да бараат почитување и реализација на нивните човекови права.
Унапредувањето на состојбите во неформалните населби бара сериозен ангажман, инвестиции и меѓуинституционална соработка. Бараме надлежните институции да постапуваат согласно препораките на Комисијата, да донесат и спроведуваат планови за унапредување на состојбите во неформалните населби, најнапред преку обезбедување на основни услови како вода, канализациона мрежа, струја, урабанизација на населбите како и програми за социјално вклучување на луѓето од овие населби.