KSZD

Обуки од Програмата за парламентарна поддршка

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во рамки на своите активности за унапредување на принципот на еднаквост, реализираше две обуки наменети за асистентите на пратениците во канцелариите за контакт со граѓаните. Овие обуки беа организирани во Западна и Источна Македонија, со цел да се продлабочи соработката меѓу Комисијата и асистентите, кои претставуваат клучна алка во непосредната комуникација со граѓаните ширум државата.

Преку детални сесии, учесниците беа запознаени со законската рамка за спречување и заштита од дискриминација, основните поими и принципи на еднаквост, како и со надлежностите и постапките што ги спроведува Комисијата. Обуките беа фокусирани на препознавање на различните форми на дискриминација, идентификување ризични ситуации и запознавање со механизмите за заштита кои им стојат на располагање на граѓаните.

Јакнењето на капацитетите на асистентите е од особено значење затоа што тие се во првите редови во односот со граѓаните и често се првата точка на контакт при пријавување на неправда, нееднаков третман или повреда на правата. Со подобрување на нивните знаења и практични вештини, се создава основа за поефикасно насочување, поддршка и информирање на граѓаните за постапките пред Комисијата.

Сесиите ги реализираа Флора Кадриу, член на КСЗД, и Севги Идриз Муртаоглу, раководител на Одделението за спречување на дискриминација и промоција на принципот на еднаквост.

Овие обуки се дел од циклусот на обуки кои се организираат во рамки на Програмата за парламентарна поддршка, проект спроведен од NDI North Macedonia, Центарот за управување со промени (ЦУП) и Институтот за демократија Societas Civilis (IDSC), а поддржан од Швајцарската амбасада преку Швајцарската агенција за развој.

Leave a Reply

Skip to content