КСЗД утврди дека, Општина Кавадарци во зададениот рок, постапила по препораките донесени од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за извршена дискриминација по основ на етничка припадност, припадност на маргинализирана група, социјално потекло и имотен статус на лица кои живеат во населбата ,,Тенеќе маало“ во општината Кавадарци.
Станува збор за околу 300 Роми кои живеат непосредно до централното градско подрачје во импровизирани живеалишта и дел куќи од цврста градба, а кои немаат соодветен пристап до јавни услуги, пристап до водоводна мрежа, канализациона мрежа и приклучоци за струја.
При тоа, Комисијата утврди директна дискриминација страна на Општина Кавадарци и препорача, доколку постојат законски пречки во однос на легализација на населбата, да се обезбеди привремено решение кое ќе овозможи пристап до вода на сите ромски семејства кои живеат во оваа населба, најдоцна во рок од 6 месеци.
Општина Кавадарци ја извести КСЗД дека во целост е постапено по препораките од комисијата, на начин што е поставен резервоар за питка вода во т.н. Тенеќе маало, со цел, доколку некој од жителите не е приклучен на водоводната мрежа, да има чиста вода за пиење која ќе се дополнува од страна на ЈП „Комуналец“-Кавадарци.