KSZD

Утврдено вознемирување врз лицата со попреченост од страна на директорот на Центарот за управување со кризи

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, постапувајќи по службена должност, утврди вознемиурање врз основа на попреченост кон лицата со попреченост, сторено од директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, во областа на медиумите и јавното информирање.

По реакција на повеќе здруженија на граѓани за дадена вознемирувачка изјава кон лицата со попреченост во емисијата „Заспиј ако можеш“ на ТВ Алфа од страна на Ангелов, Комисијата поведе постапка по службена должност. Во споменатата емисија, Ангелов на прашањето на водителот на емисијата дали ќе се нафати на дебата со лицето Благојчо Георгиев (лице кое користи инвалидска количка), меѓу другото Ангелов одговара:  “Јас како еве да речам да излезам со него на дебата? Утре на некој друг ќе му текне. Задутре на некој трет. Прво ќе се чувствувам валкано со човек во инвалидска количка да дебатирам.”

Имајќи предвид дека посочената изјава е дадена од именувано лице од Владата на Република Северна Македонија, кое врши должност директор на Центарот за управување со кризи, на телевизија која се емитува на целата територија на Република Северна Македонија, со истата е опфатен поголем број на лица, а емисијата се уште е достапна и може во континуитет да предизвика продолжено вознемирување врз основа на попреченост кај лицата со попреченост, Комисијата, согласно член 21, ст. 1, алинеја 15 од Законот за спречување и заштита од дискриминација одлучи по службена должност да поведе постапка за заштита од дискриминација против Стојанче Ангелов за потенцијално сторено вознемирување врз основа на попреченост врз лицата со попреченост во област на медиуми.

По спроведената постапка Комисијата утврди вознемирување од страна на Ангелов кон лицата со попреченост врз основа на попреченост во областа на медиуми и јавно известување.

Праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) утврдува дека слободата на говорот завршува онаму каде почнуваат да се повредуваат правата на другите. Имено, во случајот Seurot v Frnace, ЕСЧП утврдува дека без сомнеж секоја акција насочена против основните вредности на Европската конвенција за човекови права ќе биде отстранета од заштита на чл. 10 од Конвенцијата (слобода на изразување) и ќе биде подведена под чл. 17 од Конвенцијата (забрана за злоупотреба на права).

Во случајот Erbakan v Turkey ЕСЧП утврдува дека толеранцијата и почитувањето на еднаквото достоинство на сите луѓе ги сочинуваат темелите на едно демократско, плуралистичко општество. Имајќи го тоа предвид, начелно може да се смета дека е неопходно во одредени демократски општества да се санкционираат или дури да се спречат сите форми на изразување кои шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат нетолеранција или омраза.

Членот 19 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, чиј потписник е и Република Северна Македонија го гарантира правото на мислење и слобода на изразување на истото без никакво мешање. Но, став 3 од овој член пропишува дека уживањето на ова право е со посебни обврски и задолженија, па заради тоа може да биде ограничено со закон, кога е тоа неопходно за почитување на правата на другите

Членот 6 од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, чија потписничка е и Република Северна Македонија, пропишува дека земјите учеснички забрануваат секаква дискриминација врз основа на попреченост и им гарантираат на лицата со попреченост еднаква и ефикасна законска заштита од дискриминација на секаква основа. Членот 8 од истата Конвенција меѓу другото пропишува обврска за земјите потписнички да донесат непосредни, ефикасни и соодветни мерки за спречување на стереотипите, предрасудите и штетни пракси во однос на лицата со попреченост, како и поттикнување на сите медиуми, да ги прикажуваат лицата со попреченост на начин доследен на целите на оваа Конвенција.

Членот 21 од Повелбата за фундаменталните права на Европската Унија пропишува дека секоја дискриминација врз основа на која било основа како што се пол, раса, боја, етничко или социјално потекло, генетски карактеристики, јазик, религија или верување, политичко или кое било друго мислење, членство на национално малцинство, имот, раѓање, попреченост, возраст или сексуална ориентација ќе биде забрането.

Комисијата во носењето на мислењето го ценеше и фактот дека Ангелов од страна на Владата на Република Северна Македонија е назначен за директор на самостоен орган на државна управа – Центар за управување со кризи, односно врши јавна функција, па како таков има уште поголема одговорност во своите јавни настапи да се воздржи од ширење на вознемирувачки и дискриминаторски говор врз било која основа.

Во донесеното мислење Комисијата препорача Ангелов да упати јавно извинување до лицата со попреченост за дадената изјава, најдоцна 30 дена од денот на приемот на мислењето и за тоа да ја извести Комисијата, а јавното извинување, Ангелов да го достави до Тв Алфа. Исто така, на Стојанче Ангелов му се препорачува во иднина, на своите јавни настапи, да се воздржи од давање вознемирувачки изјави кои повикуваат, поттикнуваат и инсинуираат дискриминација врз било која основа.

По приемот на донесеното мислење, Ангелов ја извести Комисијата за спречување и зштита од дискриминација, дека во дадениот рок постапил по препоракта и до ТВ Алфа доставил јавно извинување до лицата со попреченост.

Leave a Reply

Skip to content