Претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Кире Василев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска потпишаа Меморандум за соработка. Примарна цел на Меморандумот е воспоставување и регулирање на соработката меѓу двете институции, преку обезбедување на потребни податоци со кои располага и ги обработува Министерството за внатрешни работи, а во насока на обезбедување заеднички придонес кон зајакнување на улогата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во почитувањето на правата на граѓаните кои се третирани нееднакво.
Преку овој документ за меѓусебна соработка – двете институции, МВР и КСЗД се креира рамка во која ќе се развива меѓусебното партнерство во повеќе сегменти, пред се во делот на квалитетна и ефикасна размена на информации, податоци, искуства, знаења, едукација и обука, како и остварување на други видови на соработка согласно законски утврдената надлежност на двете институции.
Во оперативна смисла, покрај конкретизирање на размената на информации и податоци, со Меморандумот за соработка се предвидуваат низа различни форми на заедничко делување – како заеднички настани (учество на состаноци, работни групи, предавања, дискусии, работилници, обуки, тркалезни маси, конференции), заедничко подготвување на извештајни анализи и други форми на соработка во кои се остава простор и за надворешно експертско ангажирање, се со цел квалитетно функционирање на Комисијата во делот на надлежности каде што е потребна и партиципација на МВР.