Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Народната банка склучија Меморандум за соработка, со кој се овозможува размена на искуства и знаења, добри практики, како и стручна консултација за прашања од интерес.
Меморандумот има за цел да ја промовира еднаквоста и недискриминацијата, да ги зајакне институционалните капацитети и меѓусебната поддршка и да поттикне заеднички иницијативи во областа на еднаквоста и недискриминацијата. Спроведувањето на одредбите на Меморандумот е значајно за двете институции, со оглед на тоа дека директната и отворена соработка ќе придонесе за унапредување на примената на принципите на еднаквост и недискриминација. За спроведување на Меморандумот се предвидени обуки за прашањата поврзани со дискриминаторските практики и трендови, заради јакнење на капацитетите на вработените и спречување на дискриминацијата.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска истакна дека институционализирањето на соработката со Комисијата е уште еден показател за интересот на банката за практикување здрава и етичка институционална култура, со еднакви можности за сите. Претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Исмаил Камбери, посочи дека Народната банка е одличен пример помеѓу институциите во земјава од аспект на поддршката на еднаквоста и борбата против дискриминацијата.
Зајакнувањето на соработката со Народната банка преку потпишаниот Меморандум е активност на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за промоција, заштита и превенција за еднаквоста, човековите права и недискриминацијата.