Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европската унија, се домаќини на второто издание на годишниот настан „Разговори за еднаквост“, на тема „Право на домување на Ромите“, кој денес се одржа во Клубот на пратеници во Скопје. Целта на настанот е да се поттикне инклузивен, отворен дијалог за системските предизвици поврзани со еднаквоста и недискриминацијата, преку обединување на институции, експерти, граѓански организации и меѓународни партнери околу теми од пошироко општествено значење.
На отворањето на настанот се обратија Гордана Силјановска Давкова, претседателка на Република Северна Македонија, Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија во Северна Македонија, Лимко Бејзароски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Ерџан Селими, заменик министер за локална самоуправа и Барбара Лигл, лидерка на компонентата 4 од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.
“Комисијата за спречување и заштита од дискриминација веќе го идентификуваше домувањето како едно од клучните системски прашања, каде дискриминацијата, особено кон одредени етнички заедници во државата, најчесто добива своја највидлива форма – преку недостаток на ГУП, ДУП, или непостапување по истите, недостаток на основна инфраструктура, преку нерешавање на статусот на домовите и безбедна средина за живеење”, изјави претседателот на КСЗД, Лимко Бејзароски.
„Овој настан го отвораме со јасна цел: да преминеме од зборови кон дела и конкретни решенија. Нашата задача не е само да укажеме на проблемите, туку и да дадеме јасна патека – преку соработка со општините, институциите на државата и заедниците – кон општество каде што сите граѓани ќе се чуствуваат еднакви и ќе имаат еднакви шанси за успех во животот“-истакна Бејзароски.

„Ромите како нераскинлив дел од нашиот мултикултурен живот, најчесто не се во буџетските приоритети на локалните самоуправи и за жал и во 21-век се` уште се отсечени од нормалниот тек на живеење. Локалната самоуправа треба да е клучна во борбата за еднаквост и права на сите заедници, бидејки таа е најблиску до граѓаните и затоа има најголемо влијание врз нивното секојдневие, врз нивниот пристап до јавните услуги и врз создавањето услови за достоиствен живот за сите“ – истакна заменик министерот за локална самоуправа Ерџан Селими и додаде дека оваа Влада и Министерството за локална самоуправа остануваат посветени на обезбедување поддршка за општините во идејата за јакнење на нивната улога во промовирањето на еднаквоста, транспарентноста и социјалната правда.
Амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, ја потврди посветеноста на Европската Унија за инклузија на ромските заедници, во тесна соработка со Владата на Северна Македонија.

„Ромите и во Северна Македонија и низ Европа и понатаму се соочуваат со сериозни пречки во остварувањето на едно од најосновните човекови права – правото на соодветно домување. Преголем број Роми сè уште живеат во сегрегирани населби, во несигурни услови, често без пристап до чиста вода и во несоодветни санитарни услови. Ова не е само прашање на домување. Ова е прашање на еднаквост, достоинство и правда. Затоа, овој настан претставува важен чекор во таа насока. Присуството на претседателката Силјановска-Давкова, на претставници од министерствата и други институции, од граѓанскиот сектор и меѓународните организации, испраќа јасна порака за посветеноста на сите засегнати страни кон решавање на овие прашања. Очекувам да ја продолжиме нашата соработка, со сите релевантните актери и со самите ромски заедници – во насока на градење на поправедно, поеднакво и поинклузивно општество“, рече амбасадорот Рокас.

Преку низа тематски панели со учество на домашни и меѓународни експерти, претставници на институции, граѓански организации и истражувачки центри, се дискутираше за бариерите и можностите во пристапот до домување и вода за ромските заедници, како и за улогата на КСЗД во унапредување на овие права. Посебен фокус беше ставен на добрите европски практики и механизми за справување со дискриминацијата во домувањето.

„Разговори за еднаквост“ е водечка иницијатива на КСЗД за отворање годишен национален дијалог за системски прашања поврзани со еднаквоста и човековите права. Преку овие дискусии, КСЗД се стреми кон дефинирање конкретни чекори за имплементација на своите препораки и создавање услови за подлабоки општествени промени.