KSZD

Реакција од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација по измените и дополнувањата на Законот за основно образование

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го изразува своето незадоволство од Предлог-законот за измени и дополнување на Законот за основно образование. Првична цел за изменување на Законот беше, да се внесат одредби со кои ќе се оневозможи и превенира сегрегацијата на децата Роми во образованието, односно да се спроведе пресудата на Европскиот суд за човекови права „Елмазова и други против Република Северна Македонија“. Сегрегацијата на децата Роми во образованието е сериозен и комплексен проблем кој претставува форма на системска расна и етничка дискриминација и за негово решавање се потребни системски промени во законската рамка, политиките на национално и локално ниво во областа на образованието, домувањето и социјалната заштита, но и сериозни инвестиции во спроведување на соодветни мерки, со цел, овозможување на инклузивно образование на сите деца.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација има донесено повеќе мислења и постојано апелира за системски измени, со цел, решавање на овој проблем. Оттука, сметаме дека измените на Законот за основно образование во овој дел се недоволни и нема да придонесат значајно кон искоренување и превенирање на овој проблем. Комисијата спроведе повеќе активности и упати мислења и барања до Министерството за образование и наука во однос на законскиот текст кои не се пресретнати. Одбивањето да се именува проблемот со своето име „сегрегација“ на симболичен начин зборува за недостатокот на соодветни и целисходни решенија за надминување на проблемот. Министерството повторно предвидува исклучоци од правилото за запишување на деца во најблиското училиште, со што се овозможува опстојување и продлабочување на сегрегацијата.

Уште повеќе загрижува фактот што Министерството го користи законот за да направи измени на штета на инклузијата на децата со попреченост во образованието, на штета на родовата еднаквост и на штета на заштитата од насилство и дискриминација на младите со поинаква сексуална ориентација и родов идентитет.

Спротивно на Конвенцијата за правата на детето, Министерството го определува родителот како страна која треба да го има последниот одговор во однос на најдобриот интерес на детето. Оттука, најдобриот интерес на детето станува интерес на родителот. Согласно Конвенцијата, родителот учествува во определување на најдобриот интерес на детето, но потребно е да учествуваат и стручни лица од областа на образованието, социјалната и здравствената заштита. Преку оваа и други измени, Министерството го враќа назад процесот на инклузија наместо да донесе решителни одредби и да направи сериозни инвестиции во обезбедувањето на услови за инклузивно образование.

Со измените се бришат термините родова еднаквост и сексуална ориентација, родот и родовиот идентитет како дискриминаторски основи. Ова е спротивно на Законот за спречување и заштита од дискриминација кој предвидува усогласувања на законодавството.

Комисијата досега има постапувано во неколку случаи на дискриминација и врсничко насилство кон деца со различни заштитени карактеристики во образованието како деца со попреченост, посебни образовани потреби и ЛГБТИ. Сметаме дека образованието е клучна област во која се случува и во која се нормализира нееднаквоста, насилството и дискриминацијата на различни групи и која понатаму остава далекусежни последици кон психо-социјалниот развој на децата.

Апелираме до Министерството и Владата да го изменат законот согласно нашите коментари и насоки и да земат предвид дека како тело за еднаквост, Комисијата ја има стручноста, надлежноста и капацитетите во оваа област. Оттука, нашите барања согласно законот треба да бидат земени предвид. Сите деца имаат право да бидат еднакви и безбедни во образованието!

Leave a Reply

Skip to content