KSZD

„Слобода, еднаквост и правда за сите“

10 декември – Меѓународен ден на човековите права!

На овој ден се одбележува едно од најреволуционерните глобални ветувања во светот: Универзалната декларација за човековите права, најпреведуваниот документ во светот, достапен на повеќе од 500 јазици.

„Универзалната декларација го покажува патот до заедничките вредности и пристапи кои можат да помогнат да се решат тензиите и да се создадат безбедност и стабилност што ги посакува нашиот свет“ – Генерален секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Овој значаен документ ги зацврстува неотуѓивите права што ги има секој човек,  без оглед на расата, бојата на кожата, религијата, полот, јазикот, политичкото или друго мислење, националното или социјалното потекло, имотот, раѓањето или друг статус.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во насока на вистинско, а не само декларативно почитување на човековите права, неодамна ги поздрави измените на Законот за пријавување на престојувалиште и живеалиште и на Законот за лична карта, со кои им се овозможи на лицата кои не поседуваат имот или немаат можност да обезбедат докази за сопственоста на имотот или договор за закуп и поради тоа остануваат без пријавена адреса за живеење, а со тоа и без лична карта, да си го решат ова прашање. Овие измени на Законот беа донесени врз основа на утврдена индиректна дискриминација врз основa на имотна состојба и социјално потекло во областа на правосудство и управа сторено од страна на МВР и донесена препорака за измени и дополнувања на Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште на граѓаните.

Исто така, поаѓајќи од универзалноста и уставната гаранција на правото на здравствена заштита на секој граѓанин, уставната гаранција на посебна заштита на мајчинството, децата, како и посебната заштита на мајките и децата при работа, домашната и меѓународната легислатива на Организацијата на Обединетите Нации, Меѓународната Организација на Трудот и директивите на Европската Унија, КСЗД, врз основа на чл. 28 од Законот за спречување и заштита од дискриминација неодамна донесе и општа препорака со која, на Собранието на Република Северна Македонија му препорача да изгласа измени и дополнувања на чл. 14 од Законот на здравствено осигурување, така што ќе предвиди право на надоместок за време на привремена спреченост за вршење на земјоделската дејност поради бременост, раѓање и мајчинство за индивидуалните земјоделки, како здравствени осигуренички, со цел отстранување на нееднаквиот третман кон индивидуалните земјоделки – здравствени осигуренички во остварување на правата од здравственото осигурување – право на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство.

Воедно, Комисијата, на Собранието на Република Северна Македонија му препорача да изгласа измени и дополнувања на чл. 13 од Законот на здравствено осигурување, така што ќе го предвиди правото на надоместок за време на привремена спреченост за вршење на земјоделската дејност поради болест и повреда, за индивидуалните земјоделци/ки како здравствени осигуреници со цел отстранување на нееднаквиот третман кон индивидуалните земјоделци/ ки – здравствени осигуреници во остварување на правата од здравственото осигурување – право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и натаму ќе продолжи да работи со сите свои сили и можности во заштитата на граѓаните, остварување на нивните права за еднаквост во општеството и спречување на секаков вид на дискриминација.

Обврската за почитување на човековите права значи дека, државите мора да се воздржат од мешање или ограничување на уживањето на човековите права. Спред донесената Декларација во 1948 година, обврската за исполнување значи дека, државите мора да преземат позитивни активности за да го олеснат уживањето на основните човекови права, а преку ратификацијата на меѓународните договори за човекови права, владите се обврзуваат да воспостават домашни мерки и законодавство компатибилни со нивните договорни обврски и должности.

Универзалната декларација за човекови права е документ од пресвртница во историјата на човековите права. Подготвен од претставници со различно правно и културно потекло од сите региони во светот, тој за прв пат ги постави основните човекови права кои треба да бидат универзално заштитени.

Чествувањето на Меѓународните денови се повод за едукација на јавноста за прашања од интерес, за мобилизирање на политичка волја и ресурси за решавање на глобалните проблеми како и за славење и зајакнување на достигнувањата на човештвото.

Сите луѓе се исти пред законот, секој има право на живот, слобода и сигурност и сите имаат право на еднаква законска заштита. Сите имаат право на еднаква заштита од секаков вид на дискриминација.

Leave a Reply

Skip to content