Делегација од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), предводена од претседателот Лимко Бејзароски, оствари работна средба со потпретседателот на Владата на Република Северна Македонија и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ.
На средбата беа разменети мислења и ставови за прашања поврзани со унапредувањето на човековите права, промоцијата на еднаквоста и зголемувањето на довербата во институциите. Посебен акцент беше ставен на потребата од непристрасност во постапувањето, како и на важноста сите граѓани да имаат еднаков пристап до правдата, без оглед на нивната вера, националност или етничка припадност.

Двете страни ја истакнаа потребата од континуирана соработка меѓу КСЗД и владините институции, со цел создавање општество во кое различните етнички заедници живеат во дух на меѓусебен соживот и почитување.
На крајот од средбата, соговорниците се согласија дека Комисијата ќе продолжи да работи како двигател на позитивни промени во насока на суштествена еднаквост, елиминирање на сите форми на дискриминација и зајакнување на човековите права во Република Северна Македонија.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација останува посветена на заштитата на правата на сите граѓани и промоцијата на вредностите на еднаквост и правичност.