На 20 и 24 април во општините Крива Паланка и Делчево се одржаа трибини за унапредување на пристапот до заштита од дискриминација.
Членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација Ирфан Деари, Лимко Бејзароски и Исмаил Камбери и Наташа Петковска од Хелсиншкиот комитет за човекови права ја презентираа работата на ова тело за еднаквост и начинот на кој ефективно може да се оствари заштитата од дискриминација, но и начините на кои дискриминацијата може најсоодветно да се превенира.
Со присутните претставници од општините и од локалните невладини организации се разговараше за проблемите кои се карактеристични за нивните околини, за препознавањето на разните видови и форми на дискриминација и беа споделени информации за механизмите за спречување и заштита од дискриминација. Дополнително, беа споделувани и предлози за воспоставување соработка помеѓу локалната самоуправа и Комисијата во случаи на дискриминација и нееднаков третман.
Целта на овие трибини е приближување на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација до локалното население и до локалните самоуправи токму поради централизацијата на сите збиднувања во Скопје, што ги обесхрабрува граѓаните да ја пријавуваат дискриминацијата, мислејќи дека за нив остварувањето на заштитата ќе подразбира долга, далечна и неизвесна процедура.
Трибините се дел од проектот „Видливи, здружени и гласни – Акција за еднаквост и недискриминација преку учество и мултисекторска соработка“ спроведуван од страна на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Коалицијата МАРГИНИ, Македонското здружение на млади правници, Хелсиншкиот комитет за човекови права и ЛАГ Вардар Леадер во рамки на програмата Цивика Мобилитас.