Со објавувањето на текстот „Простете геј другари, не е до хормоните, до логиката е!“, авторката на текстот и порталите кои го објавиле текстот извршиле вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет.
Постапувајќи по претставка поднесена од Коалиција за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници МАРГИНИ и Македонското здружение на млади правници, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврди вознемирување сторено од авторката на текстот, Елизабета Најдоска Величкова, како и од Атанас Величков, Александра Трнковска и Петар Колев регистранти на порталите misli.mk, temite.mk и tribuna.mk кои го објавиле текстот со вознемирувачка содржина.
Во претставката се наведува дека текстот содржини повеќе делови кои во себе содржат вознемирувачки содржини врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет во смисла на Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Во даденото произнесување по претставката, потенцијалните дискриминатори тврдат дека согласно Законот за медиуми интернет порталите не се дефинирани како медиум и согласно тоа тие немаат законски третман на медиуми и не може да бидат релевантен извор на информации. Исто така, тие тврдат дека авторката на текстот го искористила нејзиното право на изјаснување сопствено мислење.
КСЗД не постапува согласно Законот за медиуми, туку согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој има поширока примена. Согласно овој закон, Комисијата има можност да постапува и по претставки за заштита од дискриминаторски и вознемирувачки содржини на интернет порталите, иако тие немаат статус на медиуми согласно Законот за медиуми.
Дискриминаторскиот говор во текстот ги надминува границите на слобода на изразува и задира во повреда на права на други лица. Во таа насока оди и судската пракса на Европскиот суд за човекови права, кој во случајот Veejdelend and others v. Sweden, жалба бр. 1813/07, одлучува дека ваков говор треба да биде санкциониран. Судот заклучува дека санкционирањето ваквиот говор, неговото препознавање како вознемирување кое создава заканувачка, понижувачка и непријателска средина е неопходно во едно демократско општество, со цел заштита на правата и на достоинството на другите.
На авторката на текстот ѝ се препорачува да се извини за напишаниот текст „Простете геј другари, не е до хормоните, до логиката е!“ и извинувањето да биде објавено на порталите tribuna.mk, temite.mk и misli.mk кои го објавија вознемирувачкиот текст. Воедно, на авторката ѝ се препорачува во иднина да се воздржи од пишување текстови кои во себе содржат вознемирувачка содржина врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет или било која друга дискриминаторска основа.
На регистрантите и корегистрантите на порталите tribuna.mk, misli.mk и temite.mk им се порачува да го објават јавно извинувањето на авторката на текстот и да објават свое јавно извинување на нивните портали и Фејсбук страни. Исто така и ним им се препорачува во иднина да се воздржат од објавување текстови кои во себе содржат вознемирувачка содржина врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет или било која друга дискриминаторска основа.