По поднесена претставка од К. И. за сторена дискриминација по основ на политичко уверување во областа на работа и работни односи од поранешниот градоначалник на Општина Долнени, Комисијата за спречување и заштита од дискиминација утврди вознемирување врз основа на политичко уверување.
Согласно наводите од претставката, подносителот кој е вработен во општина Долнени на работно место самостоен референт тврди дека во континуитет бил вознемируван, трпел притисоци и бил ставан во нееднаква положба во однос на останатите колеги од страна на тогашниот градоначалник на општината во која бил вработен.
Во претставката е наведено дека некоректното однесување од страна на градоначалникот кон подносителот, кулминирало на ден 01.11.2021 година, по завршување на локалните избори, кога тој и неговиот колега М. И. претрпеле вербален напад. Пред зградата на општина Долнени, која се наоѓа во населеното место Ропотово, градоначалникот, со вулгарен речник и на деградирачки начин им се обратил на двајцата вработени. Градоначалникот непосредно по завршување на локалните избори, настојувал физички да го нападне подносителот на претставката, со цел да го попречи неговото евидентирање во списокот за присутност на вработените. И покрај тоа, подносителот на претставката го евидентирал своето присуство во списокот, по што градоначалникот го искинал, за потоа да состави нов список, не наведувајќи ги подносителот на претставката и неговиот колега М. И.
На ден 02.11.2021 година, градоначалникот Џемил Ќамили донел Решение за извршување на работните задачи во просториите во општинската зграда во Долнени. Со Решението на вработениот К. И. му се наложува работните обврски да ги извршува во општинската зграда во Долнени, на 9 километри оддалеченост од подрачната општинска зграда во Ропотово, каде дотогаш работел. Во претставката се истакнати и формалните недостатоци на споменатото Решение, со што на подносителот му е ускратено правото на правна заштита.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација од приложените докази констатира дека ваквите тврдења се веројатни и согласно член 24, став 7 во врска со член 26 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, до општина Долнени испрати известување за произнесување по наводите од претставката. Во одговорот од општината се негира дискриминаторски однос од градоначалникот кон подносителот на претставката, а како причина за прераспределба на вработениот ја наведуваат потребата на населението во н.м Долнени, за што било издадено Решение. Но, Решението за извршување на работните задачи во просториите во општинската зграда во Долнени донесено од градоначалникот на oпштина Долнени, Џемил Ќамили, не содржи образложение, ниту правна поука, како задолжнителни елементи на писмен управен акт и е во спротивност со член 88 од Законот за општа управна постапка.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација согласно своите законски надлежности, имајќи ги предвид фактите на случајот и приложената документација, констатира дека е исполнета законската дефиниција за вознемирување од член 10 став 1 на Законот за спречување и заштита од дискриминација и донесе препорака до општина Долнени во која е наведено:
Во рок од 30 дена да му овозможи на К. И. работните задачи да ги извршува во општинската подрачна канцеларија во н.м Ропотово, каде работел пред донесување на спорното решение и за тоа писмено да ја извести Комисијата.
Доколку општина Долнени не постапи согласно оваа препорака, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, согласно своите надлежности од член 27 став 4 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, ќе поднесе барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.
Фото: Кирил Симеоновски