KSZD

Шеста регионална конференција на телата за еднаквост од регионот: Како до поефикасно сузбивање на сите видови дискриминација!?

Скопје, 6. септември 2022 година – Улогата на телата за еднаквост во судската постапка за заштита од дискриминација, стратешкото застапување пред домашните и меѓународните судови и преминувањето на товарот на докажување во судски постапки и постапките пред телата за еднаквост, се главните теми за дискусија на вториот ден од регионалната конференција на телата за еднаквост што се одржува во Скопје, во организација на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Верувам дека зборувањето и информирањето за дискриминацијата, едукацијата, сознанието и во исто време, прифаќањето и почитувањето на различностите е клучот кон вистински хумано, демократско и напредно општество, во кое никој никогаш веќе нема да се чувствува дека е помалку вреден. Таа борба не ја води само едно тело. Таа борба треба да ја водиме сите кои сме дел од ова општество, во секој домен од нашето делување и влијание. Од најраните, семејни средини, преку образованието, медиумите, работните средини, на улица“, рече во своето поздравно обраќање на конференцијата, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери. Тој нагласи дека сите ние, без исклучок, треба да бидеме чувари на човековите права и слободи и да овозможиме слободен, рамноправен и достоинствен живот и услови за функционирање за секој еден поединец на нашата заедница. „За тоа е клучна меѓу-институционалната соработка, меѓутоа и стекнувањето и применувањето на меѓународните искуства на поискусните и потврдени демократии. Јас ви посакувам успех во вашиот пат кон намалување и конечно искоренување на дискриминацијата и сегрегацијата“, истакна Џафери.

Поздравувајќи ги досегашните резултати на земјата во заштитата и афирмирањето на човековите права и елиминирање на сите видови дискриминација, шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која, истакна дека Мисијата и понатаму ќе продолжи да ја подржува земјата и нејзините институции, како што е Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во натамошното јакнење на нивните капацитети, креирање на соодветна регулаторна рамка, како и во процесот на нејзино ефикасно спроведување.

„Би сакал да повторам дека борбата против дискриминацијата се однесува на целото општество, не само на една институција или на една група на граѓани и граѓанки. Затоа, ги повикувам сите чинители, целосно да се ангажираат и да преземат одговорност за постигнување еднаквост и ставање крај на дискриминацијата. Сите ние треба да се заложиме и да заземеме став за нулта толеранција на дискриминација“, потенцираше амбасадорот Клеменс Која.

Осврнувајќи се на клучните задачи и надлежности што ги имаат државните тела за еднаквост во борбата против дискриминација и заштита на човековите права, членот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Игор Јадровски особено го нагласи значењето на соработката и размената на искуства помеѓу овие институции од различни земји, што овозможува нивна поголема ефикасност и постигнување на уште подобри резултати во извршување на нивната основна мисија – препознавање и елиминирање на сите видови дискриминација во општеството.

„Меѓународната соработка и вмрежувањето со телата за еднаквост и институциите за човекови права од регионот, е еден од најважните мандати и највисоки приоритети во работата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Успешната соработка во размена на искуства и споделување на заедничките предизвици и најдобрите практики меѓу телата за еднаквост од Југоисточна Европа, претставуваат клучен аспект на зајакнувањето на телата за еднаквост во спречувањето и заштитата од дискриминација“, рече во воведното обраќање, членот на Комисијата, Игор Јадровски.

На шестата регионална конференција на телата за еднаквост во Југоисточна Европа, која се одржува во Скопје, учествуваат претставници на телата за еднаквост на Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Албанија и Косово, како и голем број претставници на национални институции, организации, партнери, експерти и експертки кои работат во областа на човековите права и заштита од дискриминација.

Leave a Reply

Skip to content