KSZD

Јавна дискусија: „Повеќекратната и интерсекциската дискриминација и пристапот до правда со посебен фокус на жените и девојчињата Ромки“

Во организација на Комисија за спречување и заштита од дискриминација, Народниот правобранител  и Министерство за труд и социјална политика во Скопје беше одржана јавна дискусија за идентификување на изворите на нееднаквост и дискриминаторските пречки во пристапот до правда за жените и девојчињата Ромки со сите нивни различности, како и изнаоѓање начини и конкретни предлози за сузбивање на истите.

За време на дискусијата беа лоцирани повеќе проблеми со кои се соочуваат Ромките, како, недоволна финансиска поддршка за давање правна помош и недоволна едукација за користење на истата, бездржавјанството, јазичната бариера, малолетничките бракови, дискриминацијата, соочување со стереотипи од страна на вработените во институциите. Како проблем за остварување на правата беше идентификувана и недоволната застапеност на Ромките во институциите и целосна отсутност на Ромките од правосудните институции. Беше истакнат и нискиот степен на препознавање на дискриминацијата, недостигот на сензибилитет за работа со жените и девојчињата Ромки, несоодветното постапување на центрите за социјална работа во различни случаи, вклучително и родово-базирано и семејно насилство. Едни од клучните прашања кои беа издвоени беа и недоволната видливост на ромската заедница, отсуството на интерсекциски пристап при креирањето на политиките, сегрегацијата во образованието, корупцијата и клиентелизмот, кампањи за запознавање на Ромките со активните мерки за вработување, но и неактивност на националното координативно тело за следење на состојбите со недискриминација и реализацијата на законите, подзаконските акти и стратешките документи во оваа област.

На јавната дискусија беа донесени повеќе главни препораки како:

– Бесплатна правна помош односно преобмислување на начинот на финансиска поддршка за бесплатна правна помош дадена преку граѓанските организации и мрежи од граѓански организации, со цел обезбедување на доволност, соодветност, постојаност и предвидливост.

– Измени на законот за бесплатна правна помош со цел да се адресираат состојбите кои се нотирани како предизвици во практиката.

– Подигнување на информираноста на граѓанките и граѓаните за можноста да добијат бесплатна правна помош.

–  Мапирање на предизвикот малолетнички бракови и негово редовно следење.

– Поширока акција за мапирање и справување со принудувањето на сексуална работа на девојчиња Ромки.

–   Донесување на законски измени со цел овозможување и олеснување на пристап до правда за Ромите и лицата од други маргинализирани групи кои се без државјанство.

–   Внатрешна организација на капацитетите кои се на располагање на институциите на начин кој ќе овозможи ефективно надминување на јазичната бариера.

–  Спроведување на обуки и други активности за подигнување на свесност, справување со несвесна пристрасност и зголемување на информираноста кај вработените во институциите, со цел, намалување на дискриминацијата.

– Спроведување на внатрешни дисциплински постапки за справување со случаите на дискриминација од страна на вработени во институциите кон граѓанките и граѓаните кои им се обраќаат за услуги, со особено внимание на практиката кон Ромките и другите маргинализирани групи.

–   Воведување на посебни квоти за Ромките во правосудните институции.

– Изработка на план за зголемување на влезот на Ромките на одлучувачки позиции во институциите, издвојување на средства за негово финансирање и спроведување на истиот.

–   Академијата за судии и јавни обвинители и правосудните органи да го преиспитаат начинот на комуникација со маргинализираните заедници.

–   Измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство.

–   Информирање на жените Ромки и нивно охрабрување за пријавување на насилството.

– Зголемување на сервисите за жените Ромки кои пријавиле насилство, вклучително и сместувачки капацитети со стручен кадар.

–  Спроведување на обуки и други активности за подигнување на свесност, справување со несвесна пристрасност и зголемување на информираноста кај вработените во центрите за социјална работа, со цел намалување на дискриминацијата и практиката на родово стереотипизирање во работата, особено во случаи на решавање на родителски и други семејни односи и при случаи на родово-базирано и семејно насилство.

– Активирање на националното координативно тело за следење на состојбите со недискриминација и реализацијата на законите, подзаконските акти и стратешки документи во оваа област:

Врз основа на наодите од јавната дискусија, како и други претходно спроведени истражувачки активности, тим составен од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Народниот правобранител и „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ проектот ќе изработи извештај за повеќекратната и интерсекциската дискриминација и пристап до правда за жените и девојчињата Ромки, како и за другите маргинализирани и ранливи групи. Наодите и препораките од овој извештај ќе бидат искористени од двете институции и од „ Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ проектот за планирање на идни активности и за застапување. Дополнително, резултатите од дискусијата двете институции ќе ги искористат во својата работа со цел да го насочат постапувањето по своите надлежности на начин на кој што ќе може активно да делуваат кон сузбивање и отстранување на пречките за пристапот до правда за жените и девојчињата Ромки.

Јавната дискусија беше одржана во рамки на проетот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ финансиран од Европската унија, имплементиран од Лудвиг Болцман Геселшафт – Институт за фундаментални и човекови права.

Целиот извештај можете да го прочитате на линкот подолу:

https://kszd.mk/wp-content/uploads/2024/06/Повеќекратната-и-интерсекциската-дискриминација-и-пристапот-до-правда-со-посебен-фокус-на-жените-и-девојчињата-Ромки.pdf

Leave a Reply

Skip to content