KSZD

ЧПП

1. Што се подразбира под дискриминација?

Дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите.

2. Што спаѓа во надлежност на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација?

 

(1) Надлежности на Комисијата:

1) презема активности за промоција, заштита и превенција за еднаквоста, човековите права и недискриминацијата;

2) го следи спроведувањето на овој закон и дава мислења и препораки;

3) ги промовира принципот на еднаквост, правото на недискриминација и справувањето со сите форми на дискриминација преку зголемување на јавната свест, информирање и едукација;

4) придонесува при изготвување и примена на програми и материјали од областа на формалното и неформалното образование;

5) изготвува и објавува посебни и тематски извештаи за одредени прашања од областа на еднаквоста и недискриминацијата;

6) дава општи препораки за одредени прашања од областа на еднаквоста и недискриминацијата и го следи нивното спроведување;

7) се залага за ратификација на билатерални или мултилатерални меѓународни договори од областа на човековите права или за пристапување кон истите и го следи нивното спроведување;

8) придонесува при изготвувањето на извештаите што државата е должна да ги поднесува до меѓународните и регионалните тела за човекови права и придонесува за спроведување на нивните препораки;

9) промовира и предлага усогласување на националното законодавство, прописи и практики со меѓународните и регионалните инструменти за човекови права;

10) иницира измена на прописи заради спроведување и унапредување на заштитата од дискриминација;

11) дава мислења по предлози на закони од значење за спречување и заштита од дискриминација;

12) воспоставува соработка со физички и правни лица, како и со здруженија, фондации и социјални партнери за остварување на принципот на еднаквост и унапредување на спречувањето и заштитата од дискриминација;

13) соработува со соодветни национални тела на други држави, како и со меѓународни и регионални организации на полето на заштита од дискриминација;

14) постапува по претставки, носи мислења, препораки и заклучоци за конкретните случаи на дискриминација;

15) поведува постапка за заштита од дискриминација по службена должност;

16) дава информации на заинтересираното лице за неговите или нејзините права и можности за покренување на судска или друга постапка за заштита од дискриминација;

17) го следи извршувањето на мислењата и препораките за конкретните случаи на дискриминација се до исполнување на препораките дадени од Комисијата;

18) поведува и се јавува како замешувач во судски постапки за заштита од дискриминација;

19) на барање на странката или по сопствена иницијатива може да поднесе барање судот да му овозможи да дејствува како пријател на судот (аmicus curiae);

20) квартално ја информира јавноста за случаите на дискриминација, на начин утврден со акт на комисијата;

21) ги споделува своите мислења, наоди и препораки и се обраќа на јавноста преку кој било медиум;

3. Кој може да се обрати до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација?

Во Комисијата може да се обратат сите физички и правни лица.

  • Лицата кои сметаат дека претрпеле дискриминација можат да поднесат претставка до Комисија
  • Лицето кое смета дека е дискриминирано пред Комисијата може да биде застапувано од страна на здружение, фондација или синдикат со претходно дадена согласност.
  • Здруженија, фондации, синдикати или други организации од граѓанското општество и институции, што имаат оправдан интерес за заштита на интересите на одредена група или во рамките на својата дејност се занимаваат со заштита од дискриминација, можат да поднесат претставка, ако направат веројатно дека со постапувањето на одредено физичко или правно лице се дискриминирани поголем број лица

4. Како да се обратам до КСЗД?

Постапката за поднесување претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е достапна на следниот линк.

Skip to content