KSZD

„1 од 5 – Стоп за сексуалното насилство врз деца“

Претседателот на КСЗД, Душан Томшиќ, се обрати на отворањето на националната кампања „1 од 5 – Стоп за сексуалното насилство врз децата“, организирана по повод Светскиот ден за превенција од сексуална експлоатација, злоупотреба и насилство врз деца.

„Статистиката што стои зад овој наслов е болна и тешка. Но таа не смее да остане само бројка. Зад секое едно од пет стои дете — дете со име, семејство, надежи и доверба во возрасните. Нашата должност како институции и како општество е да направиме сѐ за таа доверба никогаш да не биде повредена,“ истакна Томшиќ.

Тој додаде дека сексуалното насилство врз деца претставува едно од најтешките прекршувања на човековите права, оставајќи последици што често траат цел живот:

„Затоа превенцијата не е само препорака — таа е обврска. Обврска да создадеме безбедни средини, да ги оспособиме возрасните да препознаат знаци на ризик и, пред сѐ, да го охрабриме секое дете да зборува, да побара помош и да знае дека не е виновно“ – посочи Томшиќ.

На настанот беа промовирани видеа, постери и едукативни материјали кои ќе се користат во училиштата и градинките низ државата, насочени кон подигнување на јавната свест за препознавање на сексуална злоупотреба и сексуално насилство врз деца, како и промовирање на механизмите за заштита. Материјалите од интернационалната кампања „1 од 5“ на Советот на Европа се адаптирани согласно националната легислатива.

Кампањата е дел од проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“ и се реализира во партнерство со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Народниот правобранител на Република Северна Македонија и со поддршка од Бирото за развој на образованието.

Секое петто дете во Европа е жртва на сексуално насилство. Да го прекинеме молкот и да создадеме општество во кое децата се безбедни, почитувани и заштитени.

Leave a Reply

Skip to content