Дали знаете дека:
- Од една милијарда популација на лица со попреченост, 80% живеат во земјите во развој.
- Се проценува дека 46% од постарите луѓе на возраст од 60 и повеќе години се лица со попреченост.
- Една од пет жени веројатно ќе доживее инвалидитет во својот живот, додека едно од секои десет деца е дете со попреченост.
- Лицата со попреченост во светот се меѓу најтешко погодените од КОВИД-19.
Според податоците на Светска здравствена организација, повеќе од една милијарда луѓе во светот живеат со некој вид на хендикеп. Ова одговара на околу 15% од светската популација. Стапката на инвалидност постојано се зголемува, поради стареењето на населението и глобалниот пораст на хронични здравствени состојби, но и поради војните.
Се проценува дека во Република Македонија, 10% или околу 200.000 жители се лица со инвалидитет. Здравствена и социјална заштита на лицата со посебни потреби треба да има значајно место во секое организирано општество, не само од социјален и хуманитарен аспект, туку и од економски причини. Вклучувањето на лицата со попреченост е суштински услов за почитување на човековите права, одржливиот развој и мирот и безбедноста.
Лицата со попреченост во државава и денеска се соочуваат со голем број предрасуди, маргинализација и дискриминација. Затоа, како и секогаш, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, ги поддржува и ги повикува сите оние кои на било каков начин се чувствуваат дискриминирани, да се обратат во Комисијата со поднесување претставка.
Да се избориме заедно за инклузивност и интеграција на лицата со попреченост во секој аспект од политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот.
Секој поединец е посебен на свој начин и секој заслужува еднаква шанса и можност за остварување на своите права. Заложбата за остварување на правата на лицата со попреченост не е само прашање на правда, тоа е инвестиција во заедничка иднина.