На меѓународната научно-стручна конференцијата, со наслов „75 години организирана едукација, рехабилитација и вработување на лицата со попреченост во РСМ“, на членот на КСЗД, Душан Томшиќ, му беше доделена благодарница за посебен придонес во развојот на едукацијата и рехабилитацијата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија.
Во рамки на конференцијата, на теми поврзани со системскиот пристап кон лицата со попреченост, свое излагање имаа голем број членови на организациониот и научниот одбор од земјата и регионот. Се дискутираше за клучните реформи и пресвртници кои се случиле од почетоците на системската поддршка на децата и лицата со попреченост до денес, се појасни на кој начин денес, наспроти некогаш се проценува попреченоста на децата и младите и во што се состои главната разлика, беше даден осврт кон моменталната состојба со услугите за рана интервенција кои ги добиваат овие деца и нивните семејства и како УНИЦЕФ ја унапредува состојбата на децата со попреченост.
Научно-стручната конференција, која се одржа во Скопје на 8 и 9 ноември, беше во организација на Сојузот на специјални едукатори и рехабилитатори.