Одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите ја одразува заедничката посветеност за праведна и недискриминаторска еманципација и не потсетутва на годишнината од основањето на „Меѓународната ромска унија“ во Лондон во 1971 година, кога ромската заедница доби своја химна и знаме.
8 Април е од суштинско значење за ромската заедница во славење на признавањето на нивната култура и одбележување на нивната историја. Овој ден е исто така можност да се потсетиме дека во денешна Европа, многу Роми сè уште трпат впечатлива дискриминација во нивниот секојдневен живот.
Се проценува дека на европскиот континент живеат од 10 до 12 милиони Роми, од кои повеќе од 6 милиони се распространети низ 28-те земји-членки на Европската унија. Меѓутоа, тој незанемарлив дел од населението, со свој културен идентитет, претставува само 1,2% од населението на ЕУ. Тешко е за ромската заедница да бара пристап до образование, вработување, домување и здравствена заштита во овие околности.
Од училиштата до работното место, многу Роми се соочуваат со интерсекциска дискриминација, наидувајќи на различни социјални бариери и предрасуди кои го попречуваат нивното уживање на правата и ефективното учество во јавниот и политичкиот живот.
И во нашата земја, забележана е континуирана дискриминација на ромската етничка заедница по сите основи. КСЗД по поднесени претставки, утврдила дискриминација во 21 случај и тоа, во услуги на приватни угостителски објекти, образование, наука и спорт, сегрегација во образованието, домување и пристап до услуги, пристап до добра и услуги, здравствено осигурување и здравствена заштита, услуги од јавниот транспорт, работа и работните односи и јавно информирање и медиуми.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, активно се залага за вклучување на Ромите во општеството и ги застапува нивните права во борбата против дискриминацијата и говорот на омраза на сите нивоа и во таа насока има донесено 2 општи препораки:
– Општа препорака на локалната самоуправа да обезбеди еднаков пристап до вода до сите граѓани со особен фокус на ромската етничка заедница и
– Општа препорака за отстранување на сегрегација во основното образование со особен фокус на ученици Роми.
Во декември 2022 година, КСЗД донесе Стратегија за превенција на структурната дискриминација и промоција на принципот на еднаквост, во која се дефинирани приоритетни области, цели и предлог-активности за периодот 2023-2026 со фокус на Ромите.
Комисијата ја поздрави и одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој во 2022 година, донесе пресуда во корист на родителите Роми, чии деца беа сегрегирани во две основни училишта во Република Северна Македонија, а по претходно обезбедени мислења од КСЗД за прекинување на сегрегацијата во училиштата во Битола и во Штип.
За да се одговори на системската дискриминација и расизмот со кои се соочува ромската заедница, потребни се здружени напори од владите, граѓанското општество и меѓународната заедница за справување со основните причини за дискриминација и промовирање на инклузивни политики кои ги поддржуваат правата на сите граѓани, без оглед на нивната етничка припадност или потекло.
Историјата, културата и идентитетот на Ромите се вткаени во ткивото на европското општество. Славењето на Меѓународниот ден на Ромите влева храброст за потврда дека тие се припадност на група која е подеднакво вредна како и етничките мнозинства.
Да ја прифатиме различноста за секој живот да се слави достоинствено.