Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го прими во работна посета заменик-амбасадорот на Француската Република во Северна Македонија, г. Филип Маршето.
Претседателот на Комисијата Душан Томшиќ, го запозна г. Маршето со надлежностите и тековната работа на КСЗД, со акцент на постапувањето по претставки, стратешките случаи, како и на проактивните активности насочени кон превенција од дискриминација, подигнување на јавната свест и јакнење на институционалната соработка. Беа презентирани и тековните и планираните проекти на Комисијата, насочени кон унапредување на еднаквоста и заштитата на човековите права.

Заменик-амбасадорот, посебно се интересираше за спроведувањето на Акцискиот план за заштита и унапредување на правата на припадниците на заедниците, кој претставува дел од преговарачката рамка за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија. Во таа насока, се разговараше за улогата на КСЗД во мониторингот, давањето препораки и унапредувањето на институционалните политики и практики, со цел, обезбедување ефективна и недискриминаторска примена на мерките предвидени во Акцискиот план.
На средбата беше изразена подготвеност за понатамошна соработка и размена на искуства во насока на зајакнување на механизмите за заштита од дискриминација и унапредување на правата на сите граѓани.