KSZD

Започна проектот EQUALS: Унапредување на квалитетот на бесплатната правна помош и еднаквиот пристап до правда

Во Охрид се одржа воведниот настан на регионалниот проект „Унапредени квалитетни услуги за правна помош“ (EQUALS), кој го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Република Албанија и Република Северна Македонија за периодот 2025–2028 година, со поддршка на Австриската агенција за развој (ADA), во рамки на International Partnerships Austria.

Проектот има за цел да го унапреди еднаквиот пристап до правда за жените и мажите во двете земји, преку зајакнување на квалитетот, ефективноста и одржливоста на системите за бесплатна правна помош. Настанот ги претстави стратешките интервенции, очекуваните резултати и можностите за продлабочување на регионалната соработка.

На настанот се обрати претседателот на Комисија за спречување и заштита од дискриминација, Душан Томшиќ, кој истакна дека пристапот до правда не е само правна категорија, туку показател за реалната праведност на едно општество.

„Од аспект на мандатот на Комисијата, пристапот до правда е директно поврзан со правото на еднаквост и недискриминација. Во пракса, дискриминацијата најчесто ги погодува најранливите – жени изложени на родово базирана дискриминација, лица со попреченост, Роми, самохрани родители, лица во социјален ризик и граѓани од рурални средини. Тие формално имаат право на заштита, но често немаат реална можност да го остварат“, нагласи Томшиќ.

Тој посочи дека бесплатната правна помош претставува суштински инструмент за материјализирање на еднаквоста и коректив на структурните нееднаквости. Во пракса, Комисијата често утврдува дискриминација и издава препораки, но без соодветна правна поддршка, оштетените лица немаат можност да продолжат со судска постапка. Оттука, ефективниот систем на бесплатна правна помош е неопходен за целосна примена на антидискриминациското законодавство.

Во обраќањето беше нагласена и социјалната димензија на бесплатната правна помош. За лица во екстремна сиромаштија, жени жртви на семејно насилство, лица со попреченост, стари лица без правна поддршка, лица без лични документи и Роми кои се соочуваат со институционални бариери, правната помош не е само услуга – туку предуслов за остварување на основните права: пристап до социјални и здравствени услуги, заштита од незаконски откази, регулирање на личен статус и заштита од дискриминација во образованието и вработувањето.

Како клучни предизвици беа издвоени: недоволната информираност за правото на бесплатна правна помош, ограничената специјализација за случаи на дискриминација, недоволната институционална координација и територијалната нееднаквост во пристапот до правни услуги.

Во рамки на проектот EQUALS, Комисијата ќе придонесе преку обуки за препознавање и докажување дискриминација, развој на насоки за родово сензитивен пристап, воспоставување механизми за упатување случаи, анализа на трендови и заеднички кампањи за подигање на јавната свест. Квалитетот на бесплатната правна помош, како што беше истакнато, мора да се мери и низ призма на еднаквост.

Регионалниот карактер на проектот овозможува размена на искуства, модели и стандарди, усогласени со европските практики, со цел зајакнување на довербата во институциите и унапредување на владеењето на правото.

„Пристапот до правда не се мери само со постоењето на закони, туку со тоа дали најранливите можат без страв да побараат помош, дали институциите реагираат ефикасно и дали правдата е еднакво достапна за сите“, беше порачано на настанот.

Комисијата останува отворена за партнерство во рамки на проектот EQUALS, со цел изградба на систем во кој никој нема да биде исклучен од правдата поради својата ранливост.

Leave a Reply

Skip to content