KSZD

1 Март – Ден на нулта дискриминација: Луѓето на прво место

На 1 март, Денот на нулта дискриминација, се потсетуваме дека секој човек има право да живее исполнет и продуктивен живот со достоинство, еднакви можности и целосна заштита на своите човекови права.

Оваа година, УНАИДС го става фокусот на континуираната дискриминација со која се соочуваат луѓето што живеат со ХИВ и лицата изложени на ризик од ХИВ. Таквата дискриминација директно го ограничува пристапот до здравствени услуги, доведува до повреда на основните права и го попречува глобалниот напредок кон искоренување на СИДА-та до 2030 година. Централната порака на овогодинешното одбележување е јасна – луѓето мора да бидат ставени на прво место.

Стигмата и дискриминацијата како реална бариера

Доказите се недвосмислени. Податоци собрани од повеќе од 30.000 лица што живеат со ХИВ во 25 земји покажуваат дека стигмата и дискриминацијата остануваат сериозни и широко распространети бариери за пристап до здравствена заштита, достоинствен третман и ефективна заштита на човековите права. Наместо поддршка и солидарност, многу лица сè уште се соочуваат со предрасуди, одбивање и нееднаков третман.

Образованието како системски одговор

Образованието претставува клучна алка во сузбивањето на стереотипите и предрасудите што генерираат дискриминација кон ранливите категории, особено кон девојките и жените, лицата со попреченост, ЛГБТИ лицата и Ромите.

Оттука, законската рамка во областа на образованието мора експлицитно да ги препознае овие категории и да обезбеди правна основа за системски програми насочени кон елиминирање на родовите стереотипи, стигмата поврзана со сексуалната ориентација и здравствената состојба, како и предрасудите врз основа на етничка припадност.

ЛГБТИ децата често се изложени на врсничко насилство (булинг), додека девојчињата се соочуваат со зголемен ризик од родово базирано насилство и сексуално вознемирување. Загрижувачки е фактот што значителен процент од ЛГБТИ младите изјавуваат дека размислувале за самоубиство. Ова е јасен показател дека образовните политики мора да бидат насочени кон создавање безбедна и инклузивна средина во која ниту едно дете нема да се чувствува отфрлено или небезбедно.

Состојбата во Република Северна Македонија

Во Република Северна Македонија стигмата кон лицата што живеат со ХИВ и понатаму е присутна, особено во здравствениот сектор. Според податоците за 2025 година, 90% од пријавените случаи на дискриминација врз лица што живеат со ХИВ се евидентирани токму во здравството. Овој податок укажува дека недоволното познавање на начинот на пренос на ХИВ и стравот заснован на предрасуди, резултираат со здравствени нееднаквости и прекршување на човековите права.

Повик за целосно почитување на еднаквоста

Без оглед на личните убедувања или ставови, секој човек – независно од неговата здравствена состојба, етничка припадност, сексуална ориентација, пол или род – има право на целосно уживање на сите човекови права и слободи. Остварувањето на овие права не смее да зависи од волјата, перцепцијата или предрасудите на другите.

По повод 1 Март – Денот на нулта дискриминација, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација упатува јасна порака: еднаквоста, достоинството и почитувањето на човековите права мора да бидат безусловни и загарантирани за секој поединец. Само преку доследна примена на законите, институционална одговорност и општествена солидарност можеме да изградиме општество без дискриминација.

Ја потсетуваме јавноста дека еднаквоста не е привилегија, туку право. Општество без дискриминација е предуслов за демократија, социјална кохезија и одржлив развој.

Да изградиме заедница во која различностите се почитуваат, а човековото достоинство е неприкосновено – секој ден, за сите.

Leave a Reply

Skip to content