Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Мрежата за заштита од дискриминација денеска (11.4.2023г.) одржаа прес-конференција на која беше презентирано донесеното мислење од КСЗД за утврдена дискриминација при остварување на правото на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство (право на платено породилно отсуство) и правото на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда (право на платено боледување) кај индивидуалните земјоделки и земјоделци.
Комисијата утврди индиректна, продолжена и интерсекциска дискриминација кон индивидуалните земјоделки во остварување на правата на надоместоци од Законот за здравственото осигурување и тоа правото на надомест во случај на бременост, раѓање, мајчинство.
Комисијата утврди и индиректна, продолжена, интерсекциска дискриминација кон индивидуалните земјоделки и земјоделци како здравствени осигуреници, во остварување на правото на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда или накратко право на платено боледување.
Комисијата констатира дека нееднаквиот третман на жените – индивидуални земјоделки, во однос на останатите здравствени осигуренички, при остварување на правото на платено породилно отсуство, се должи на интерсекциски повзрани основи, и тоа: пол, род, личен статус и припадност на маргинализирана група, додека нееднаквиот третман на индивидуалните земјоделки и земјоделци, во однос на останатите здравствени осигуреници, при остварување на правото на платено боледување, се должи на нивниот личен статус и припадност на маргинализирана група (интерсекциски поврзани).
При определување на дискриминаторските основи, Комисијата особено ги зема предвид: местото на живеење (најчесто во рурални области), социо–економскиот статус на индивидуалните земјоделци, физичката работа која ја вршат, субординираната положба – во однос на низа фактори како временски услови и продавање на земјоделските производи – кои пак понатаму доведуваат до зависен или несигурен приход. Со исклучување на индивидуалните земјоделци од правото на платено породилно и платено боледување се придонесува кон дополнителна маргинализација на оваа група работници.
Заради неразделноста на дискриминаторските основи, Комисијата со Мислењето утврди интерсекциска дискриминација, а заради тоа што Законот за здравственото осигурување го продуцира овој вид дискриминација континуирано, долг временски период, се утврди и продолжена дискриминација. Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација се работи за потешки облици на дискриминација.
Врз основа на утврдената дискриминација, Комисијата му препорача на Министерството за здравство да подготви и предложи измени на Законот за здравствено осигурување со кои ќе се овозможи, индивидуалните земјоделци да стекнат право на платено отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство, како и право на платен надоместок за време на привремена спреченост од работа поради болест и повреда на еднаква основа со останатите здравствени осигуреници.
На прес конференцијата, Мрежата за заштита од дискриминација изнесе предлог решение со кое бара од Министерството за здравство и/или од Собранието да се донесат измени според кои земјоделците ќе добијат право на платено отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство, каде основицата за пресметка на надоместокот е нето износот на минималната плата. Исто така беше истакнато дека барањето за измени на Законот за здравствено осигурување и предлог законското решение поддржано од 70 здруженија на граѓани е испратено до Министерството за здравство и пратениците од Собранието на РСМ во декември 2022 г.
Во случајот се работи за мултисекторски проблем кој е поврзан со работничките права, статусот на земјоделците, социјалните и здравствените права кои се во надлежност на повеќе ресори. Неовозможувањето на право на платено отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство и платен надоместок поради болест или повреда е нехумана политика која дополнително го отежнува животот на луѓето од руралните области, со фокус на земјоделците и е спротивна на меѓународните и европските стандарди во областа, како што се директивите на ЕУ, стандардите на Меѓународната организација на трудот и Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените. Додека институциите одбиваат да донесат системско решение за овој проблем, земјоделките се соочуваат со бројни негативни последици од овие политики како што се несакани абортуси, компликации во бременоста и прерано прекинување со доењето бидејќи не можат да си дозволат да го намалат обемот на работа, со што би го изгубиле и онака малиот приход од земјоделска дејност.
На прес конференцијата која се одржа во Скопје, свое излагање имаа и пратеничките во Собранието на Република Северна Македонија Рашела Мизрахи и Маја Морачанин, кои истакнаа дека ќе поднесат иницијативи до Собранието за системско и темелно решавање на проблемите на оваа маргинализирана група.
Во продолжение е линкот од мислењето на КСЗД