Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, денеска одржа брифинг со новинари посветен на актуелните прашања од областа на еднаквоста и заштитата од дискриминација, како и на новите активности и алатки на Комисијата за подобро препознавање, пријавување и спречување на дискриминацијата.

На брифингот беше претставен Ресурсниот центар на КСЗД за еднаквост и недискриминација, развиен со поддршка на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.
Ресурсниот центар претставува бесплатна и лесно достапна онлајн платформа која на едно место обединува релевантни истражувања, публикации, извештаи, правни документи, упатства и други материјали од областа на еднаквоста и заштитата од дискриминација.
Целта е, информациите кои досега беа достапни преку различни извори, да станат полесно достапни и употребливи за институциите, правните практичари, истражувачите, граѓанските организации, медиумите, креаторите на политики и пошироката јавност.
Ресурсниот центар е замислен како динамична платформа која континуирано ќе се надградува. Покрај пристапот до веќе објавените материјали, овозможува и споделување и поставување нови релевантни ресурси, со што корисниците можат да придонесат кон проширување и ажурирање на достапното знаење.
Со обединувањето на клучните ресурси на едно место, центарот треба да придонесе за подобро информирана јавност, поквалитетни истражувања, професионална примена на стандардите за еднаквост и креирање политики засновани на докази. Воедно, тој ја зајакнува улогата на КСЗД како национален центар на знаење, ресурси и податоци за еднаквост и недискриминација.
За медиумите, Ресурсниот центар претставува практична почетна точка за подготовка на прилози и истражувачки стории поврзани со дискриминацијата, еднаквоста и човековите права, овозможувајќи пристап до релевантни истражувања и податоци и обезбедувајќи поширок контекст за поквалитетно и аргументирано известување.
На брифингот беа претставени и првичните резултати од истражувањето спроведено во рамки на проектот „Виолет“, на примерок од 1.000 испитаници. Истражувањето има за цел да даде увид во распространетоста на сексуалното вознемирување меѓу вработените во образовниот сектор.
Според досегашните резултати, најизложени на сексуално вознемирување се вработените во техничките и административните служби. Техничкиот кадар е речиси трипати поизложен од наставниците, додека секој единаесетти вработен во техничката служба (9%) изјавил дека доживеал несакан допир.
„Училиштето треба да биде безбедно место не само за учениците, туку и за секој што работи во него. Сексуалното вознемирување не е шега ниту приватен проблем – тоа е дискриминација забранета со закон. Секој што го доживеал или бил сведок може да се обрати до Комисијата“, истакна Зекир Абдулов, потпретседател на КСЗД.
Тој посочи дека, согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, сексуалното вознемирување претставува форма на дискриминација, а работодавачот има обврска да преземе мерки за негово спречување. КСЗД веќе постапува по поднесени претставки во оваа област.
Во рамки на проектот „Виолет“, во наредните месеци ќе бидат спроведени и медиумски кампањи за подигнување на информираноста и свесноста за сексуалното вознемирување, неговото препознавање и начините за пријавување.

Меѓудругото, на брифингот се разговараше и за положбата на бремените работнички ангажирани со договори за вработување на определено време, како и за Општата препорака на КСЗД во оваа област. Во април 2026 година, КСЗД препорача системско унапредување на Законот за работни односи, особено во однос на договорите на определено време, така што ќе се користат во исклучителни ситуации. Препораката има за цел да ја спречи злоупотребата на овие договори во случај кога на бремени жени не им се продолжува договорот поради бременост, раѓање и родителство.
Брифингот беше можност за отворена дискусија со новинарите за актуелните предизвици во областа на еднаквоста и недискриминацијата, како и за улогата на институциите и медиумите во нивното препознавање, превенција и заштита на правата на граѓаните.