Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, согласно утврдените законски надлежности, втора година по ред организираше јавна презентација на сработеното за претходната година. Во втората година од своето основање, КСЗД продолжи да се етаблира како стручен, самостоен и независен орган во македонското општество во борбата против нееднаквоста и елиминација на сите видови дискриминација.
Граѓаните и организациите продолжија во уште поголем обем да поднесуваат претставки до КСЗД барајќи заштита од дискриминација во сите области на општественото живеење. Заклучно со 31 декември, во 2022 година, поднесени се 248 претставки, а дополнително поведени се и 7 постапки за заштита од дискриминација по службена должност. Споредено со претходната 2021 година, кога беа поднесени 86 претставки, бројот е зголемен за дури 162, што претставува пораст од 188,37%.
„Во 2022 година, утврдивме 70 случаи на постоење на дискриминација и понудивме препораки како да се елиминираат дискриминаторските практики. Вознемирувањето спрема ЛГБТ+ популацијата на социјалните мрежи останува најчестата форма на дискриминација со која се среќаваме. Меѓутоа, нашата работа се протега надвор од оваа област, бидејќи откривме случаи на дискриминација во речиси секој друг аспект од општествениот живот. Цврсто веруваме дека ниедна форма на дискриминација не треба да се толерира и ќе продолжиме да се бориме за еднаквост во сите нејзини димензии“ – истакна претседателот на КСЗД Исмаил Камбери во своето поздравно обраќање.
Во случаите на утврдена дискриминација во 2022 година констатирана е повреда на правото на еднаквост врз 22 различни основи и тоа во следните области:
- 37 во јавното информирање и медиуми
- 15 во работата и работните односи
- 10 во пристапот до добра и услуги
- 6 во образованието
- 2 во здравствено осигурување и здравствена заштита
- 1 во спортот
- 1 во дејствување на здруженија, фондации или други организации засновани на членство
Заради непостапување по препораките на Комисијата поднесени се 14 барања за поведување на прекршочни постапки против утврдени дискриминатори, од кои за 9 судовите повеле прекршочни постапки. Во 2022 година донесена е и првата пресуда со која судот казни дискриминатор по барање поднесено од КСЗД. Во извештајниот период, Граѓанскиот суд во Скопје донесе првостепена пресуда по тужба од јавен интерес во која се утврди дискриминација кон лицата со попреченост за пристап до и во избирачките места. Ова е првата судска постапка во која Комисијата за спречување и заштита од дискриминација го употреби институтот „пријател на судот“ (amicus curiae) и даде свој придонес во постапката.
„Би сакал да се заблагодарам на секој од вас што ни се придружи во нашата борба и за вашата непоколеблива поддршка во нашиот колективен стремеж за еднаквост и правичност. Патот пред нас е полн со различни предизвици. Но сепак, цврсто сум убеден дека со нашата континуирана соработка и посветеност, можеме да изградиме општество каде што нема место за дискриминација. Оттука, повикувам и натаму да работиме кон иднина каде што секој поединец ќе биде третиран со достоинство, почит и да изградиме општество каде што секој поединец ќе има еднакви можности да го искористи својот максимален потенцијал“- истакна на крајот претседателот Камбери.
Оваа јавна презентација е подржана во рамките на проектот „Комисијата за антидискриминација ја извршува својата превентивна и заштитна улога“. Проектот е финансиран од Европската Унија, а имплементиран од Македонскиот центар за меѓународна соработка. Целта на проектот е да се поддржи и зајакне улогата на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во почитувањето на правата на граѓаните кои се третирани нееднакво.
Во продолжение линк од извештајот