Поаѓајќи од универзалноста и уставната гаранција на правото на здравствена заштита на секој граѓанин, уставната гаранција на посебна заштита на мајчинството, децата, како и посебната заштита на мајките и децата при работа, домашната и меѓународната легислатива на Организацијата на Обединетите Нации, Меѓународната Организација на Трудот и директивите на Европската Унија, а имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, врз основа на чл. 28 од Законот за спречување и заштита од дискриминација донесе О П Ш Т А П Р Е П О Р А К А со која:
на Собранието на Република Северна Македонија му препорачува да изгласа измени и дополнувања на чл. 14 од Законот на здравствено осигурување, така што ќе предвиди право на надоместок за време на привремена спреченост за вршење на земјоделската дејност поради бременост, раѓање и мајчинство за индивидуалните земјоделки, како здравствени осигуренички, со цел отстранување на нееднаквиот третман кон индивидуалните земјоделки – здравствени осигуренички во остварување на правата од здравственото осигурување – право на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство.
Воедно, Комисијата, на Собранието на Република Северна Македонија му препорачува да изгласа измени и дополнувања на чл. 13 од Законот на здравствено осигурување, така што ќе го предвиди правото на надоместок за време на привремена спреченост за вршење на земјоделската дејност поради болест и повреда, за индивидуалните земјоделци/ки како здравствени осигуреници со цел отстранување на нееднаквиот третман кон индивидуалните земјоделци/ ки – здравствени осигуреници во остварување на правата од здравственото осигурување – право на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест.
Носењето на општата препорака доаѓа по донесеното мислење од КСЗД во април 2023г. за утврдена дискриминација при остварување на правото на надоместок на плата за време на отсуство од работа поради бременост, раѓање и мајчинство (право на платено породилно отсуство) и правото на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда (право на платено боледување) кај индивидуалните земјоделки и земјоделци.
Комисијата утврди индиректна, продолжена и интерсекциска дискриминација кон индивидуалните земјоделки во остварување на правата на надоместоци од Законот за здравственото осигурување и тоа правото на надомест во случај на бременост, раѓање, мајчинство.
Исто така, Комисијата утврди и индиректна, продолжена, интерсекциска дискриминација кон индивидуалните земјоделки и земјоделци како здравствени осигуреници, во остварување на правото на надоместок на плата за време на привремена спреченост за работа поради болест и повреда или накратко право на платено боледување.
Со утврдената дискриминација, Комисијата му препорача на Министерството за здравство да подготви и предложи измени на Законот за здравствено осигурување со кои ќе се овозможи, индивидуалните земјоделци да стекнат право на платено отсуство поради бременост, раѓање и мајчинство, како и право на платен надоместок за време на привремена спреченост од работа поради болест и повреда на еднаква основа со останатите здравствени осигуреници.
Предлог измените на законот беа поднесени до Собрание во април годинава, а пратениците во мај гласаа за потребата за носење на овие измени. Измените и дополнувањата на законот се уште не се изгласани, а земјоделките и натаму се жртви на системска дискриминација.
Согласно директивите за еднаквост на ЕУ и директивата за мајчинство, на самовработените лица, вклучително и земјоделките и партнерите на самовработените лица мора да им се гарантира правото на платено породилно отсуство и други права од социјално, здравствено и пензиско осигурување.
Согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата има законска надлежност да го следи спроведувањето на општите препораки кои ги упатува по сопствена иницијатива.