KSZD

ЈСП СКОПЈЕ ИЗВРШИЛO ДИРЕКТНА ИНТЕРСЕКЦИСКА ДИСКРИМИНАЦИЈА ВРЗ ЖЕНА И ДВЕ МАЛОЛЕТНИ ДЕЦА

Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје извршилo директна интерсекциска дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, социјално потекло, етничка припадност и припадност на маргинализира група врз жена и нејзини две малолетни деца.

Во претставката поднесена од Хелсиншкиот комитет за човекови права, се наведува дека возач на автобус на ЈСП Скопје насилно ги исфрлил од автобусот жената и нејзините две малолетни деца, од кои едното било во количка. Претходно семејството, од ромска етничка заедница, било туркано од другите патници во автобусот, по што возачот станал и ја исфрлил надвор жената заедно со децата притоа со навредлив говор кажувајќи им дека веќе нема да ги пушта во автобус.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација побара изјаснување од ЈСП Скопје за тврдењата од претставката и истовремено побара и видеоснимки од настанот. Сепак, од јавното сообраќајно претпријатие не се произнесоа по наводите од претставката.

Од наведеното во претставката, Комисијата заклучи дека возачот на ЈСП го ограничил правото на пристап до јавни добра и услуги на семејство од ромска етничка припадност врз основа на нивната раса, боја на кожа, социјално потекло, етничка припадност и припадност на маргинализирана група. Дополнително, возачот предизвикал ситуација во која го понижил и навредил семејството а исто така предизвикал и чувство на страв и вознемиреност. Квалификаторен елемент во предметниот настан е што едно од децата било во инвалидска количка што уште повеќе покажува отсуство на сензибилност на возачот спрема оваа категорија на лица.

Интерсекциската дискриминацијата во овој случај се однесува во областа на пристапот до јавни добра и услуги од страна на претпријатие одговорно за превозот на патници во јавниот градски и приградски сообраќај на подрачјето на Град Скопје.

КСЗД му препорачува на ЈСП Скопје да преземе мерки кои ќе придонесат во насока на превенција на идни дискриминаторски практики од страна на возачите на нивните автобуси имајќи во предвид дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и во минатото утврдувала дискриминација за слични предметни настани.

ЈСП треба да спроведе обука за дискриминација во насока на сензибилизација на возачите при нивната работа со најразлични маргинализирани групи. Сторителот е должен да постапи по препораката во рок од 30 дена од денот на приемот на препораката, а доколку не постапи по препораката, Комисијата има право да покрене прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци.

Leave a Reply

Skip to content