По повод 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација констатира дека во нашата држава се` уште постои расна дискриминација која пред се е насочена кон нашите сограѓани припадници на ромската заедница.
Дискриминација кон оваа етничка заедница, КСЗД има увидено преку примери на сегрегација во населените места, сегрегација на децата Роми во основните училишта, непристапност на жените Ромки до здравствената заштита и гинеколошки услуги, непристапност до вода во одредени ромски населби, непристапност до општествени добра и услуги.
Афирмирајќи ја потребата од поголема поддршка за ромската популација, КСЗД апелира до надлежните институции, континуирано да преземаат активни мерки за спречување на дискриминација врз основа на етничка припадност и се заложува за имплементирање на законите и другите акти кои го уредуваат прашањето на оваа маргинализирана група.
КСЗД и укажува на јавноста дека Ромите се рамноправни граѓани во Република Северна Македонија и дека рамноправно ги уживаат придобивките да го негуваат својот јазик, да ја развиваат својата култура и традиција и активно да партиципираат преку своите претставници во политичкиот живот.
Им го честитаме празникот на сите припадници на ромската етничка заедница, со желба, заеднички да придонесеме за подобрување на севкупниот општествен и демократски капацитет и целосна интеграција на сите маргинализирани групи во сите социо-економски сфери.