Комисијата за спречување и заштита од дискриминација најостро реагира за говорот на омраза кој содржи закани за физичка ликвидација на членот на КСЗД Весна Бендевска, извршено на двата профили на лицето Виктор Стојанов, претседател на Фондацијата Македонија од Софија, на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Во неговите објави поставена е фотографија од Бендевска со навредувачка, но и поттикнувачка содржина за нејзина ликвидација. Во коментарите предизвикани од објавата се издвојуваат и повеќе заканувачки содржини.
За ова, КСЗД го извести МНР, односно Тематската подгрупа за говор на омраза која е во рамки на Меѓуресорската работна група за политичка координација за спроведување на мерките од протоколот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу РС Македонија и Р Бугарија, формирана со одлука на Владата на РСМ и очекува соодветна институционална реакција.
Ваквите објави, за кои Комисијата смета дека не само што спаѓаат во говор на омраза што поттикнува насилство од омраза кон член на КСЗД кој е избран државен функционер, туку претставува и обид да се изврши влијание врз независноста на Комисијата во целост, следеа по прес – конференцијата, во која беа објавени Мислењето и препораките по однос на претставката поднесена од „Сојузот на борците од народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија 1941 – 1945 година и граѓаните продолжувачи – Општински одбор – Битола“, против Здружението „Културен центар Иван Михајлов – Битола“, оджана на 14.10.2022 година.