Под мотото „ОБЕДИНИ СЕ! Активизам за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата“, од денеска 25 ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, започнуваат „16 дена активизам против родово засновано насилство“.
Насилството врз жените и девојчињата останува најраспространето кршење на човековите права ширум светот. Антифеминистичките движења се во пораст, нападите против жените бранители на човекови права и активисти се зголемуваат, а правниот статус на правата на жените е се` повеќе загрозен во многу земји. Регресивните нови закони ја влошуваат неказнивоста на сторителите на семејно насилство, а организациите за правата на жените се повеќе се маргинализираат.
Со пораката “Препознај, блокирај, пријави”, фокусот на овогодинешната кампања во Република Северна Македонија е на дигиталното и другите видови насилства врз жените и девојчињата, борбата против мачоизмот и токсичната машкост и улогата на структурите за јавна безбедност во борбата против насилството врз жените и девојчињата како предуслов за намалување на родово заснованото насилство.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и оваа година се приклучува кон кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“. Во насока на дигиталното и сите други насилства врз жените и девојчињата , Комисијата продолжува и натаму да следи и постапува против родово-вознемирувачкиот говор на социјалните мрежи и дигиталниот простор воопшто.
Ги повикуваме сите жени и девојчиња кои сметаат дека биле жртви на родово-базирано вознемирување и дискриминација, истото да го пријават во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Овие 16 дена, но и сите останати денови, ги охрабруваме сите да се вклучат во намалување и спречување na насилство врз жените и девојчињата.